Оргиналната уметност е културното богатство на еден народ- изложба на Горан Боев

Академскиот сликар Горан Боев по повод свeтскиот ден на музеите на 18 мај 2023 во 13:00 часот ја отвора својата изложба во Винскиот Музеј Кавадарци, на која ќе ги претстави своите најнови ликовни дела.
Воглавном масла на платно создадени изминатиов период, кои ги карактеризира силна експресија и емоција, во кои уметникот експериментира со боите и концептите, за да создаде интензивни дела кои оставаат силен впечаток кај публиката.

Во дел од делата силно се наметнуваат вековните интереси на луѓето од овој регион, колоритот и етнографијата на повардарието, љубовта кон виното, природата, добрината и мекоста на луѓето од овој крај, и секако безвременската убавина на жените од Македонија.

Се‘ на овој свет брзо поминува, но убавината и безвременоста на ликовните дело на Боев ќе останат за вечноста! Како кавадарчани сме исклучително горди што имаме сограѓанин како Горан Боев, уметник кој со својата креативност, неуморна творба создава дела кои имаат светска вредност, истакнаа од општина Кавадарци кои се и организатори на оваа изложба.

Горан Боев е еден од најталентираните уметници на Македонија кој во својата потрага по убавината на најдобар начин не потсетува на нашата богата традиција, на боите на нашата земја и топлината, добрината и кроткоста на луѓето од Тиквешијата. Покрај тоа што неговиот потпис стои на фреските во новиот параклис во комплексот на манастирот Свети Јован Бигорски, тој е магистер на Факултетот за ликовна уметност, професор по ликовно воспитување, добитник на титулата „Почесен граѓанин“ на Кавадарци за своето уметничко творештво и член на здручението „Роднокрајци“.
Горан Боев досега има реализирано над десетина самостојни изложби и учество на бројни групни изложби и ликовни колонии.

Неговите прекрасни портрети отсликани во топли бои несомнено раскажуваат за убавината на женскиот лик. И во делата од оваа изложба токму во убавината на жената без разлика дали е во народна носија со шамија или венец од цветови во косите или зрели гроздови, Боев на најдобар начин ја отсликува „трагедијата“ на времето кое многу брзо поминува.
Женската убавина во својот зенит од една страна и и нејзината немоќност да опстои и трае, нејзината брза минливост од друга страна исто како и кај цвеќето станува негова главна заложба таа женска убавина да ја зароби на неговите платна и да ја зачува од заборавот. Можеби неговите портрети и уметноста воопшто е тука да потсети дека всушност постоиме едни за други.
Автентичната оригинална  уметност претставува  културно богатство на еден народ. Такви се и делата на Боев, во нив се чувствува енергијата и топлината на македонскиот народ, човечноста на нашите луѓе и убавината на нашите предели, на нивната безгрижност, емпатија и оптимизам. Токму оптимизмот, природноста и спонтаноста на неговите дела будат ново искуство кај секого кој ќе се сретне со неговите уметнички дела.

Боев, вели дека уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност, оставајќи му простор на рецепиентот самиот да ја дешифрира идејата, ја поттикнува неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, притоа создавајќи мистичност, што придонесува кон уште поголема привлечност и взаемен флуид.

Translate »