Советникот во МВР ќе се брани од слобода
Советникот во кабинетот на министерот за внатрешни работи доби кривична пријава и ќе се брани од слобода за „злоупотреба на службена положба и овластување“, но заради претпазливост привремено му е одземен пасошот и е обврзан да се јавува пред надлежен орган, одлучи судот.
Советникот во МВР Д.С., кој беше приведен завчера во полициска станица, се товари дека оддал службена тајна, со што загрозил и наштетил кривична истрага што е казниво со закон.
Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека Д.С., кој бил криминалист и државен советник во кабинетот за крминалистички работи, на 26 февруари во просторија на здравствена установа во Скопје имал средба со женско лице над кое се применувале посебни истражни мерки.
Д.С. на директен начин и пренел службена тајна, укажувајќи и дека над неа е во тек примена на посебна истражна мерка со која се следат сите нејзини телефонски броеви и оти врз неа се применува мерка следење. Ја предупредил да биде внимателна и оти во наредните денови може да биде применета нова мерка – користење прикриен агент.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција вчера рече дека очекува многу скоро во законски утврдена постапка сомнежот да биде потврден или отфрлен. Нагласи дека МВР нема да толерира загрозување истраги и постапки.
– Ова е порака до секој кој има намера да соработува или да учествува во криминалот без оглед на позицијата која ја има во општеството и институциите. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се бориме против криминалот и за било какви потврдени незаконски активности ќе има нулта толеранција. Тоа треба да му биде јасно секому, истакна Спасовски.
За приведениот висок функционер во МВР вчера се огласи и премиерот Зоран Заев, кој на својот профил на Фејсбук ги охрабри институциите да спроведат темелна и професионална истрага и да носат одлуки базирани на факти во врска со овој случај.
– Не ги знам сите детали за случајот со осомничениот вработен во Кабинетот на министерот за внатрешни работи, но ги охрабрувам институциите да спроведат темелна и професионална истрага и да носат одлуки базирани на факти. Нема место за толеранција на какви било незаконски дејства. Институциите мора да бидат целосно посветени во служба на граѓаните и во функција на владеењето на правото, напиша Заев.
За случајот реагираа и партиите. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, МВР наместо да се бори со криминалот и корупцијата, станало „дувло кое служи за собирање изнуда, поткуп и заштита на криминалот“.
Од СДСМ, пак, одговорија дека Македонија станува правна држава во која секој поединец одговара за своите постапки и дека „времето кога одредени поединци не одговараа пред законите, а институциите се обидуваа да ги сокриваат и заташкуваат нивните незаконски дејствувања заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција“.Локално.мк