Атанасопулос: За Грција е прашање на престиж, а за Скопје прашање на достоинство

На 4 февруари, додека во Грција, сите погледи беа насочени кон протестот во центарот на Атина, за „одбрана на името Македонија“, грчкиот весник „То вима“ ексклузивно го објави целиот предлог на медијаторот Метју Нимиц. Искусниот новинар Ангелос Атанасопулос, кој и на грчката и на македонската јавност им ги обелодени последните идеи на специјалниот претставник на ОН во разговорите за името, во интервју за МИА ги коментира последните случувања на релација Скопје – Атина.

Вели дека во овој предлог на Нимиц прави напори да одговори и на македонските и на грчките барања, а како најголем и основен проблем во разговорите, во овој момент, новинарот го споменува барањето на Атина за уставни промени и отфрлањето на Скопје на ова барање. Ова несогласување, според новинарот, би можело да се надмине со еден Меѓународен договор, што би бил над Уставот. Сепак, потенцира дека за да постои договор, потребно е и двете страни да направат отстапки.

Во разговор со дописникот на МИА од Атина, Атанасопулос открива дека според неговите информации, шефот на грчката дипломатија би можело меѓу 20 и 22 март да го посети Скопје.

Од вашиот прилог објавен во весникот „То вима“, сите дознавме кој е последниот предлог на медијаторот доставен до двете страни. Од вашето искуство и познавајќи го прашањето за името, сметате дека овие идеи на Нимиц, би можеле да ги одведат Скопје и Атина до решение?

Мислам дека тоа е еден предлог што прави напор да покрие некои желби и на двете страни. Мислам дека има елементи што секоја страна може да ги одбере, што за секоја страна се важни. Се обидува да ја покрие потребата, желбата на Атина за ерга омнес, за имплементација на името во ерга омнес. А во исто време се обидува колку што е можно повеќе да ја покрие потребата на поранешната југословенска Република Македонија барем да забави една уставна промена. Ова произлегува од процесот во делови за имплементација на решението што е клучот и што се поврзува, како со ерга омнес, така и со уставна промена. Но, независно од тоа што вели секој предлог на Нимиц, без конкретна волја на секоја страна да го направи чекорот што ќе ја задоволи другата страна, решение мислам дека нема да се најде.

Кои според вашето мислење се точките за кои постои несогласување меѓу двете страни, темите кое што се „трн“ во разговорите? Ги споменавте Уставот и барањето за ерга омнес, од досегашните изјави и од двете страни се чини дека идентитетот, Уставот, се точките за кои барем во овој момент нема поклопување на позициите.

Информациите велат дека основен проблем во овој момент е грчкото барање за уставна промена и одбивањето на другата страна ова да биде прифатено. Она што сѐ уште не е јасно, имаме некои знаци но, не можеме да ги искористиме со сигурност, е на што точно мисли Грција кога говори за уставна промена. Што сакам да кажам со ова? Една уставна промена би можела да биде: сменете го името во Уставот и не менувајте ништо друго. Едно друго грчко барање би можело да биде: ќе треба да смените некои други членови од Уставот што се однесуваат на границите, на интересот на земјата за нејзини државјани што припаѓаат на нејзини малцински групи вон границите и други работи. Вистината е дека голем дел од овие загрижувања се покриени од претходните уставни ревизии и бидејќи владата на Заев го познава проблемот, предлага усвојување на еден Меѓународен договор во кој би можело,според мене, да биде вклучено сѐ. Како што кажа и премиерот Заев, во суштина ќе го надминува Уставот. Ова, во суштина покажува дека идејата за Меѓународен договор, беше идеја на скопската страна,а не на грчката, како што слушнавме на почетокот. Сметам дека во прашањето за јазикот, грчката позиција е слаба, поради конкретните текстови во Обединетите нации. Прашањето за идентитетот е доста чувствително. Јас лично не можам да видам начин, како би можело една влада на поранешната југословенска Република Македонија лесно да прифати промена на идентитетот. Пасошите се друго прашање, да го потенцираме тоа и исто така едно друго прашање што е поврзано со пасошите, но и со името е дали името ќе биде на словенски јазик, непреведено или ќе има можност да се преведува на други јазици.

Предлог спогодбата што ја подготвува грчката страна, сметате дека би можела да помогне да се приближат позициите и да стигнеме до решение?

Мислам дека грчката спогодба до една точка ќе ги следи идеите на Нимиц, во однос на тоа како тој ги има категоризирано точките. Информациите што ги имаме се дека е спогодба на околу 15-20 страници, не можам со сигурност да кажам колку ќе помогне или нема да помогне, бидејќи сметам дека не е грчка спогодба, сметам дека е предлог за една спогодба и исто така не знам колку другата страна ќе го прифати овој документ и на ќе направи забелешки, дали и другата страна има подготвено нешто и не го има кажано тоа или едноставно ќе го отфрли грчкиот документ и ќе се повика на процедурална причина и ќе рече нешто од типот: ако имате нешто дајте му го на господинот Нимиц, да помогне, кој што е надлежен за процесот. Индикативно е тоа што спогодбата сѐ уште не е испратена, освен ако немало нешто во меѓувреме, а јас лично не знам. Исто така и посетата на министерот за надворешни работи задоцни во споредба со почетните процени. Последните информации што ги слушнав се дека можеби во Скопје ќе оди меѓу 20 и 22 март. Сметам дека најверојатни со себе ќе го има и предлогот, но постои и веројатност да го прати и порано, ова ќе го видиме.

Ќе се промени нешто посетата на Коѕијас на Скопје?

Мислам дека е симболично прашањето со посетата на Скопје. Поинтересно ќе биде да видиме на суштинско ниво што може да содржи документот, важно е тоа и за што ќе разговараат, бидејќи таму ќе имаат разговори за суштината. Секако станува збор за договор што нема да има врска со Времената спогодба, ќе треба да се ратификува од парламентите, ќе биде многу важен и ќе мора да има комплетна согласност од двете страни. Мислам дека посетата ќе има повеќе симболичен карактер. Морам тука да споменам дека по средбите во Виена, а пред да оди Коѕијас во Скопје, јас очекував дека во меѓувреме ќе имаше и некоја друга средба. Ова беше чувството што постоеше, дека процесот е во тек, за прв пат разговараа темелно, суштински во Виена, се очекуваше дека ќе се подготви нешто, ќе се сретнат повторно и ќе продолжат разговорите. Сега помина време. Во меѓувреме имаше многу изјави и од двете страни.

Сметате дека ова е затоа што можеби има некаков проблем, некаква компликација?

Мислам дека компликацијата во овој момент е на кој начин Скопје можеби би можело да прифати некоја уставна промена, но ова е нешто што не може да се направи, бројките не дозволуваат во овој момент да се направи тоа. Треба да се бара друг начин, треба да се најде нешто што ќе и гарантира на грчката страна дека во некој момент нешто ќе се случи , ќе се смени нешто во Уставот, а во исто време ова барање да не го попречи пристапот на Скопје во НАТО. Бидејќи, времето тече. Исти така постојат две работи за кои што се брза: едното е НАТО Самитот во јули, но пред НАТО е делот со Европската унија и таму, знам дека постои желба да се даде датум за почеток на преговори за Скопје. И мислам дека тоа е нешто што многу повеќе ја засега скопската страна, отколку НАТО. Ова е моето мислење. Европската унија е друго. Преку неа ќе се подобри земјата, економијата, општеството итн. НАТО е нешто може да се нарече „незавршена работа“, почнавме, не влеговме, ајде да завршиме со тоа.

Мислам дека ако господинот Коѕијас во Скопје оди околу 20-22 март, во суштина, бидејќи мислам дека се чини тешко да отиде со еден документ и во исто време да се согласат за тоа, значи дека ќе навлеземе во април, барем половината од април. Потоа ќе бидеме многу блиску до роковите.

Со оглед на тоа дека спорот за името го следите веќе долги години, дали сте оптимист за решение? Овој пат целиот процес започна со голем оптимизам и од двете страни. Сметате дека ќе постои договор или ќе биде изгубена шанса за која во иднина ќе велиме дека бевме блиску до решение, но не се искористи?

Никој не може да го исклучи ова лошо сценарио што го спомена. Од информациите што ги имав, бев и сум убеден дека грчкиот премиер сака решение, посакува решение, поради различни причини. Мислам дека и министерот за надворешни работи Коѕијас, сака решение, но да не заборавиме дека добро или лошо, постои и внатрешното јавно мислење во секоја земја, несомнено и тоа влијае. Мислам дека и ти, бидејќи и ти долги години го следиш ова, помниш дека на почеток не говоревме многу за Уставот и за задолжителни промени на Уставот. Ова е нешто што влезе во разговорите, некако, не би рекол неочекувано, туку нагло и ова можеби се случи бидејќи се создаде голема конфронтација во Грција меѓу владата и опозицијата.

Сега бидејќи навистина прашањето се крена на агендата, не знам колку лесно би можела Атина да отстапи. Ќе треба нешто да направи, тешка е комбинацијата меѓу тоа кога ќе се направи уставна промена и кои ќе бидат гаранциите дека ќе се направат промени. Скопската страна преферира еден Меѓународен договор што ќе го надминува Уставот, ќе го надминува внатрешниот правен поредок, во него ќе биде вклучено сѐ, ќе се ратификува од парламентите, веројатно во Скопје ќе се распише референдум, со што ќе има на некој начин одлука од народот која ако биде позитивна ќе и даде можност и на грчката страна да го ратификува договорот во парламентот. Тешко е да се предвиди. Сите велат дека е едно лесно прашање, но не е воопшто лесно прашање, може да е полесно од други, но не е лесно прашање. За Грција малку е прашање на престиж, за Скопје е прашање на достоинство. Таму некаде на средина, мислам дека е потребна отстапка и од двете страни. Преземено од МИА

 

Translate »