Вакцина против Ковид-19 на почеток од 2021 година, нема полициски час и карантин, но нема ни групирања
Вакцината против коронавирус во нашата земја се очекува да пристигне на почетокот на следната година, вели министерот Венко Филипче. Тој смета дека согласно актуелната динамика, вакцината ќе пристигне во јануари или февруари, а истата ќе се обезбеди преку КОВАКС механизмот.
Во меѓувреме Владата вчера ја усвои мерката за забрането групирање на повеќе од четворица на јавни места. Филипче додава дека ова нема да важи за пазарите и јавниот превоз.
Сега за сега нема да има рестриктивни мерки, ниту полициски час, ниту пак затворање на границите. Министерот уверува дека доколку се почитуваат мерките, истите ќе дадат резултати. Говорејќи околу болничките капацитети, рече дека во моментов во сите болници има место, освен во Струмица и Куманово, но сепак повика да се почитуваат мерките и протоколите што ги усвои Владата, бидејќи како што додава, притисокот врз здравствените работници е голем.