Неверојатни сцени во Италија: Луѓе примаат кислород во автомобили, а кафулињата преполни…
Луѓе заразени со коронавирус примаат кислород во своите автомобили во италијански Неапол, затоа што тамошните клиники се преполни со пациенти. На другата страна, покрај брегот, целосно бизарни сцени – шеталиштето, кафулињата и рестораните се преполни!
Колона на автомобили и возила на Итната помош се наоѓаат пред болницата Котуњо која не може да се избори со се поголемиот прилив на нови пациенти. Медицинските работници во третиот по големина град во Италија ги прегледуваат луѓето во нивните автомобили, а доколку пациентите имаат проблеми со дишењето, добиваат кислородна поддршка на лице место.
Фотографиите кои пристигнуваат од Неапол воопшто не се охрабрувачки: луѓето во возилата во колоните чекаат на преглед, може да се види дека некои и примаат терапија додека седат во автомобилот, а медицинските работници трчаат да помогнат на сите страни.
Меѓутоа, недалеку од болницата, во истиот град е снимена целосно парадоксална ситуација: кафулињата и рестораните се преполни со луѓе од кои речиси никој не носи маска, а шеталиштето покрај морето исто така е преполно.
Доктор Филипо Анели, шеф на националната асоцијација на доктори во Италија, предупреди дека доколку актуелната стапка на инфекција продолжи, можеби повеќе нема да има слободни доктори.
„Додека Италија има 11 илјади кревети на одделенијата за интензивна нега, има доволно анестезиолози за околу 5 илјади пациенти“, истакна Анели.
Италија во текот на вчерашниот ден регистрираше 25,271 новозаразени, а како последица на вирусот починаа 356 лица. Од почетокот на пандемијата, Италија има 960,373 заразени и 41,750 починати.