Алармантна ситуација во срцето на Европа: Се плашам дека чекориме кон граѓанска војна!

loading...

Битката на Европа против пандемијата на коронавирусот оваа седмица влезе во една исклучително опасна фаза затоа што ширум континентот се воведени драстични мерки на затворање. Сето тоа резултираше со хаос на улиците во Холандија и Данска и предупредувања за избивање на „граѓанска војна“.

Франција наскоро треба да одлучи дали ќе воведе трета национална блокада оваа седмица откако тамошните власти предупредија дека ситуацијата е „загрижувачка“, а италијанските здравствени власти веќе повикаа на едномесечно национално затворање.

Тоа се случува и покрај предупредувањата на Џон Џоритсма – градоначалник на холандскиот град Ајднховен кој во текот на викендот беше погоден од најголемите нереди во последните четири децении. Тој порача дека сме на пат на граѓанска војна откако беа воведени строгите рестриктивни мерки и полицискиот час.

Европа која на почетокот на пандемијата доби пофални зборови за остриот одговор, сега е погодена од втор бран кој се чини дека не може да се контролира и покрај одново воведените остри мерки. Тие напори се закомплицирани со појавата на новите и позаразни мутации на вирусот кои започнаа да се шират низ Стариот континент од Велика Британија, Бразил и Јужна Африка.

Холандија која со својот благ пристап на затворање стана една од најтешко погодените европски земји, во јануари забележа пад на бројот на заразени, но бројката остана и натму над најниските бројки кои беа регистрирани во текот на летото. Како резултат на тоа, минатата седмица беа воведени нови рестриктивни мерки, вклучувајќи и полициски час од 21:00 до 4:30 часот – воведен за првпат од Втората светска војна.

Неделните протести во 10 градови станаа насилни, а демонстрантите се судрија со полицијата, ограбуваа продавници и уништуваа полициски станици.

„Мојот град плаче, па така и јас. Се плашам дека, ако продолжиме по тој пат, дека ние сме на пат кон граѓанска војна“, изјави градоначалникот на Ајндховен на емотивната прес-конференција после нередите кои завршија со 62 уапсени демонстранти.

Слична е ситуацијата и во Данска, конкретно во Копенхаген каде што од почетокот на годинава, практично секој викенд демонстранти се собираат на улиците да го изразат своето незадоволство од воведувањето на рестриктивните мерки.

Во главниот град на Данска се забележани поголем број на инциденти и судири помеѓу демонстрантите и полицијата, а незадоволните граѓани дури и запалија кукла со ликот на премиерката Мете Фредериксен.

Во меѓувреме, Европската унија препорача да се прекинат сите патувања во подрачјата кои се сметаат за жаришта со 500 или повеќе случаи на 10 илјади жители, а подоцна во текот на оваа седмица би требало да биде објавена и мапа со ризични подрачја.

Европа и натаму е најпогодениот регион на светот и има најголем број на заразени и смртни случаи од било кој друг континент. Од почетокот на пандемијата во Европа се регистрирани околу 29 милиони случаи во споредба со 28,6 милиони случаи во Северна Америка. Од друга страна, како последица на коронавирусот во Европа починале 660 илјади луѓе, додека пак во Северна Америка околу 600 илјади.

Translate »