Сведоштво на девојка чија слика беше злоупотребена во „Јавна соба“: Не сакам веќе никој да страда од вакви работи
Oткако нејзина фотографија заврши во групата „Јавна соба“, девојка од Кавадарци на својот профил на Инстаграм објави видео преку кое го сподели своето искуство.
-Пред се со ова видео сакам да им помогнам и кажам на девојките кои ќе се соочат, или се соочиле со слично искуство, дека оваа не е ваш личен срам оној кој ја објавил фотографијата има за цел да се повлечете од социјалните мрежи, да си нарушите односите со фамилијата.Не сакам веќе никој да страда од вакви работи, вели Ана.
Таа вели дека не знаела што да прави и како да реагира.
-Почнав да добивам пораки и повици на мојот мобилен, на Вајбер, на Ватсап, на Месинџер и на Инстаграм. Не знаев што се случува и од каде доаѓа тоа. Се додека наредниот ден не добив скриншот од мојата слика, зашто таа слика не само што беше објавена во „Јавна соба“, туку е препраќана и на други места. Се испаничив, се преплашив, никогаш досега не сум доживеала такво нешто и отидов во Одделот за сајбер криминал во Скопје за да пријавам. Им ја покажав сликата, им ги покажав пораките, повиците. Им кажав дека ги имам со име и презиме луѓето кои што ми ѕвонеа и пишуваа. Меѓутоа, кога слушнаа дека сум полнолетна ми рекоа дека не можат ништо да направат бидејќи Законот во нашата држава е само за малолетници за вакви случаи. Јас во тој момент се почувствував толку беспомошно и бесно што навистина не знаев што да направам и каде да се обратам. Изгубив секаква надеж, многу се разочарав и видов дека во државава не постои правда, дека ако ние имаме над 18 години немаме никаква заштита, раскажува Ана.
Од Хелсиншкиот комитет побараа од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“.
Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство, се наведува во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.
„Точно една година по појавата на оваа група на мрежата Телеграм, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите, сведочиме и на нови случаи на ваква злоупотреба. На прашање на Хелсиншкиот комитет, Министерството за внатрешни работи одговори дека постапиле по предметот „Јавна соба“ во рамки на својата надлежност и го доставиле до Јавното обвинителство. Година дена подоцна, ваквите групи на Телеграм сѐ уште се активни во објавување на фотографии, лични имиња и адреси.
https://www.instagram.com/tv/CKi6fl8jzJA/?utm_source=ig_embed