„Денес жртва сум јас, утре може да бидеш ти“: Смелата Ана чија фотографија беше злоупотребена во „Јавна соба“ со силна порака
Скандалозната „Јавна соба“, во која се споделуваа фотографии и лични податоци на малолетни и полнолетни девојки од Македонија, деновиве се дозна дека е разгранета во повеќе групи на „Телеграм“.
Активно се објавуваат фотографии кои девојките или ги споделувале приватно со нивни партнери или на социјалните мрежи, а заедно со нив се објавуваат и нивни телефонски броеви.
28-годишната Ана, чија фотографија беше злоупотребена во една од групите, храбро ѝ се обрати на јавноста со силна порака. Таа раскажа како станала жртва и како била разочарана по пријавувањето во полиција. Исто така, им порача на злоупотребените девојки да ја држат главата горе, а на нивните блиски, безрезервно да покажат поддршка.
„Сакам да им се обратам на сите девојки кои го доживеале ова, дали во минатото, дали моментално го доживуваат или во иднина ќе им се случи, се надевам нема, но… Само сакам да ви кажам дека ова не е ваш срам. Ова е срам на некој друг кој сакал да ви наштети, на којшто намерата му е да се повлечете, да избришете социјални мрежи, можеби да си смените телефонски број, да не излегувате надвор, да немате социјален живот, да си ги нарушите односите со фамилијата, со партнерот, со другари, со другарки, на работа итн. и да паднете психички.
Сега ќе ви дадам само еден совет, немојте да дозволите тоа да ви се случи. Значи главата горе! Не сте вие виновни што сте одлучиле да имате свој живот, да си постирате слики, да си користите социјални мрежи. Виновни се оние коишто тоа, наместо да го земат такво какво што е, тие одлучиле да го злоупотребат“.
Ана
https://www.instagram.com/tv/CKi6fl8jzJA/?utm_source=ig_embed
izvor Femina.mk