Грција: викендов полициски час од 18 часот во Атина, Солун и на Халкидики
Властите соопштија дека се воведуваат посебни рестрикции за викендите, од утре до 15 февруари во Солун, Атина и на Халкидики, со затворање на сите продавници и подолг полициски час, односно од 18, наместо од 21 часот, како што беше досега.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас вечерва ги соопшти новите мерки што ќе бидат во сила од утре изутрина, а се однесуваат на деловите од земјата со влошена епидемиолошка слика.
Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во Солун и на Халкидики, училиштата и градинките ќе работат регуларно, со физичко присуство, со исклучок на дел од средните училишта кои продолжуваат со онлајн настава, за продавниците, што ќе работата само од понеделник до петок се укинува услугата „click inside“ и ќе работата само со „click away“, односно подигање на претходно направена нарачка, а без промени ќе функционираат фризерските и козметичките салони, берберниците, обложувалниците, како и центрите за техничка контрола на возила, со исклучок на викендите.
За време на викендите, отворени ќе бидат само супермаркетите, продавниците за храна, фурните, аптеките и бензински пумпи од 7 часот наутро до 17 часот.
Хардаљас рече дека со исклучок на неколку региони, во поголемиот дел од земјата, ситуацијата е стабилна, додека пак 11 области и понатаму се во црвената зона, а во пет општини се воведуваат дополнителни рестрикции.
Во општината Тира на островот Санторини, на Миконос, во Халкида на островот Евија, во Патра, како и во Агиос Николаос на Крит, се воведува строг карантин, со затворени училишта и градинки, затворени продавници, а забранет е и излез од овие општини.
Паралелно во цела Грција остануваа непроменета обврската на граѓаните за секое движење да испраќаат смс порака со една од шесте понудени опции, како и полицискиот час од 21 до 5 часот наутро.
Во Грција се регистрирани и 228 случаи на британскиот вид на коронавирусот, од кои 23 се нови, а од минатата седмица, потврден е и еден случај на јужноафриканскиот вид.
Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција денеска одржа маратонски состанок, што траеше многу подолго од вообичаеното и резултираше со доцнење од над час и половина на редовната прес конференција за соопштувањето на мерките.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а постепеното олабавување на мерките започна со отворањето на основните училишта и градинките на 11 јануари, една седмица подоцна следеа и продавниците, моловите, трговските центри, фризерските и козметичките салони, а од минатата седмица почна воведување рестрикции во црвените ковид зони.