Никола Ѓорѓиев-Креираме уникатни декоративни украси од метал кои го разубавуваат просторот!
Во нашата земја постојат иновативни и храбри луѓе кои го прифаќаат ризикот и се решаваат за сопствен бизнис. Таков е случајот со Никола Ѓорѓиев од Охрид, Дипломиран психолог на УКИМ, кој по 20-тина година различни работни искуства, останува невработен, и кој тогаш се решава да почне свој бизнис. Креира уникатни декоративни украси од метал, изработени со печка која самиот ја има дизајнирано и произведено. Токму овој негов оптимистички пристап беше мотив за редакцијата на Радар.мк да направи еден краток разговор со него.
Станува збор за декоративни елементи од метал, креативни производи кои се пријатно изненандување на нашиот пазар. За Какви декорации станува збор, и за каде истите се наменети?
Моите производи се метални декоративни сталажи, и специјално дизајнирани метални инсталации во форма на слика, најчесто се инсталираат во внатрешен простор а намената им е едноставна, разубавување на дневната соба, простор во кој минуваме голем дел од денот.
Дали можете да го опишете процесот на создавање производи, декоративни метални украси?
Во основа процесот се состои од три фази. Првата е идеја и дизајнирање, потоа актуелна изработка во браварска работилница, и на крај фарбање со електростатска боја.
Во план Ви е прилагодување на печката со цел електростатското фарбање да се користи и за производи од стакло. Што е потребно за ова да се случи, и закој ќе биде наменет овој иновативен производ?
Фарбањето на стакло со електростатска боја е процес што е во зачеток во Македонија. Стаклото е “незгодно“ за боење со ваква боја поради едноставна причина што не е електро-проводник, што пак е основна претпоставка за електростатско боење (бојата ја привлекува спротивниот набој на материјалот). Во последно време сепак постојат начини на кои ова може да се реши. Моите планови за иднина опфаќаат прилагодување на моите процеси за електростатско фарбање на стакло.
Бидејќи станува збор за печка за електростатско фарбање која самите ја дизајниравте и произведовте, дали постои потенцијал за нејзино пошироко производство, и каде таа би имала намена?
Многу е мал бројот на производители на ваква опрема во Македонија. Претежно истата се набавува од увоз (Турција, Србија итн). Јас го завршив успешно мојот предизвик за само-производство на печка, во дел мотивиран од ограничените финансии, меѓутоа дел и од желбата да се направи нешто ново. Секако во Македонија постои потенцијал за вакво производство кое би одговарало на потребите на македонскиот пазар но и за извоз.
Станува збор за иновација за добивање на производ стакло во боја или stained glass за кој во Македонија нема производител туку се набавува од увоз. Дали на ова поле би оствариле соработка и со други уметници?
Stained glass e боено стакло со сосема друг процес од она што би се добило со електростатско фарбање. Би морало да се разговара и со корисниците на вакво стакло меѓутоа мислам дека сепак боеното стакло во електростатска фарбара нема да одговара на нивните потреби.
Кои се очекувањата во следните 6 месеци?
Моите планови се да се насочам за почеток на основниот мој бизнис, декоративни елементи изработени од метал, а не само едноставно фарбање на производи за потребите на индустријата. Голем потенцијал за овие производи има надвор, за извоз, особено за продажба во онлајн продавници (како Etsy, Amazon, E-bay), каде производот по нарачка се испраќа директно до индивидуални купувачи. Во овој дел меѓутоа јас, но и безброј други уметници-занаетчии во Македонија сме ограничени со неможноста да наплаќаме преку Paypal кој пак е основен платежен сервис за онлајн продажба во светот . Поради необјасниви причини Македонија е една од ретките земји во светот каде Paypal-наплатата е недостапна.
контакт на – 075 46 11 10