Уште за три лица е побаран притвор
Скопското јавно обвинителство до Кривичниот суд доставило предлог мерка притвор за уште три лица за нападот врз Зијадин Села, што се случи во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава. Осомничените беа вчера препознаени со помош на граѓаните по објавување на нивните фотографии.
„Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за проширување на истрагата за уште три лица за сторено кривично дело „убиство во обид“ сторено во соизвршителство, од чл.123 во врска со чл.19 и во врска со чл.22 од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи дека се исполнети околностите предвидени во законот, како што велат од Обвинителството, надлежниот јавен обвинител до судија на предходна постапка во Основниот суд Скопје 1 достави предлог за определување на мерка притвор за осомничените лица.