(Видео) „Болни сцени за да се гледа до крај“ -Македонски модели во котроверзна реклама за ПЕТА на Модната недела во Њујорк

Дваесет македонски модели од агенцијата „Моделс ИН“ снимија реклама за Модната недела во Њујорк во соработка со ПЕТА, светската организација што се бори за правата на животните и е против носењето облека од природна кожа и крзно. Меѓу моделите во рекламата се и сопствениците на „Моделс ИН“, Надица Георгиева и Алек Наумовски. Рекламата ја режираше Срѓан Јанаќиевиќ, во продукција на маркетинг агенцијата „Њу момент“.

Поттикнати од видеото на Синтија Никсон, Ba a Lady They Said, ПЕТА сними видео насловено Be a Sweater They Said, во кое како наратор се појавува Лиса Ланг, потпретседателката на оваа организација. Со видеото тие велат дека сакаат да ја покажат суровата страна на модната индустрија и убивањето животни за да се произведе облека.

Рекламата предизвика бурни реакции во јавноста и заради пораката што ја испраќа и поради сцените во кои е прикажано како се убиваат животни. Во разговор за „Репортер“, Алек Наумовски ни кажа дека рекламата ја снимале лани во декември на неколку локации во Скопје. Тој иако е презадоволен од крајниот резултат, не можел да ги изгледа сите сцени во видеото, бидејќи и самиот е поборник за правата на животните, па сцените, вели дека му биле болни и страшни.

На прашањето како дошло до соработката со ПЕТА, која е светска организација, Алек ни кажа дека таа се случила преку агенцијата „Њу момент“.

„Пред неколку месеци ме исконтактира продуцент Михало Цветанов и побара 20 модели со интернационална кариера што веќе работеле на големи и значајни проекти. Организиравме кастинг, на кој присуствуваше и режисерот Срѓан Јанаќиевиќ. Сите материјали од моделите тие потоа ги испратија во Америка, а од ПЕТА ги избраа лицата што се појавија во рекламата, 13 девојки и 5 машки модели“, ни кажа Алек.

Тој вели дека ПЕТА сакала рекламата да се сними во земја во источна Европа и дека проектот бил понуден на неколку држави. На крајот најмногу им се допаднала идејата што ја понудила македонската агенција.

„’Њу момнет’ веќе имаат добиено многу награди за реклами и краткометражни филмови. Затоа и знаев дека ова видео ќе ја постиге целта. Режисерот прецизно ни даваше насоки за работа, а дизајнерките Розе Трајчевска и Лидија Георгиева направија огромен избор на уникатни парчиња облека за снимањето. Моделите беа професионални и во ниеден момент не се пожалија, иако снимавме три дена без престан“, вели Алек и додава дека е пресреќен што слушнал многу пофалби за моделите.

„Реакциите се одлични, а луѓето ми велат дека помислиле дека во рекламата има и странски модели и дека сето тоа делува светски, што за мене е огромен комплимент. Ние ангажиравме два интернационални модели, кои се дел од ‘Моделс ИН’, да дојдат од странство за снимањето на рекламата, но останатите се Македонци кои работат во странство и не се многу познати кај нас“, додава тој.

Izvor Reporter.mk

Translate »