Селектирање на отпад во општина Сопиште
Во општина Сопиште се поставени 400 жолти канти од 120 литри наменети за одложување на пластика и лименки, донација на „Пакомак“. Со тоа жителите на Сопиште имаат значајно подобри услови за селективно одложување на пластичниот отпад и лименките, додека општината добива можност да го потврди својот статус на општина која се грижи за животната средина.
Со ова Пакомак во соработка со општина Сопиште започна со селектирање на пластичниот отпад од секој претплатник на услугите на ЈКП Сопиште.
Проектот првично започна во населеното место Сопиште а ќе продолжи во другите населени места на општината. Проектот предвидува делење на дополнителна канта во жолта боја од 120 литри на секој корисник на ЈКП Сопиште каде ќе се селектира пластиката и истата ќе биде подигната од страна на ЈКП Сопиште. Истовремено со цел да се мотивираат жителите, за секоја успешна година на селекција, секој корисник на ЈКП Сопиште ќе добие една платена сметка кон ЈКП Сопиште.
Животната средина е неповратен ресурс, и токму затоа и сега а и во иднина треба одговорно да се однесуваме кон неа. Отпадот селективно да го одложуваме, потоа тој да се рециклира, и што помал дел од него да заврши на депонија. На таков начин се заштитува природата, квалитетот на почвата, на воздухот кои се од непроценливо значење за секоја општина, смета градоначалникот на општина Сопиште. Тоа ќе значи и помалку трошоци за општината, бидејќи ќе се намали количината на отапд кој сега се депонира на Дрисла. Тој упати и благодарност до компанијата „Пакомак“ за тоа што како специјализирано друштво за управување со отпад од пакување искажа разбирање за потребите на граѓаните во оваа општина, и уште еднаш ја потврди својата општествено одговорна улога на компанија која континуирано се грижи за подобрување на еколошката состојба во нашата земја.