Онлајн анкета: Младите сакаат самите да изберат дали ќе учат од дигитален или отпечатен учебник
Дигитализацијата на образованието што ја најави Министерството за образование и наука и која треба да се случи од следната учебна година покрена низа реакции и негодувања во јавноста од страна на родителите на учениците, кои покренаа и иницијатива против најавените промени. Тие не се согласуваат, меѓу другото, ниту со воведувањето на дигитални учебници во училиштата. По бојкотот на наставата и средбата со претставници од МОН, родителите организираа протести во повеќе градови на кои побараа да се организира референдум за дигитализација на учебниците.
Од МОН, пак, се децидни дека дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од септември. Оттаму посочуваат дека е апсурдно да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот
Во целата гужва околу пандемијата и најавената дигитализација, гласот на младите, оние кои најдиректно се вклучени во образвониот процес, се чини, најмалку се слуша.
Кратката анкета која ја спроведе новинската агенција „Мета.мк“ на Инстаграм покажа дека 63 отсто од испитаниците би прифатиле воведување на дигитални учебници во основните и средните училишта во државата, доколку одлуката за тоа од каков учебник (дигитален или отпечатен) ќе учат, остане на самите ученици и нивните родители.
Спротивно од ова, 37 проценти не би го прифатиле воведувањето на дигитални учебници ниту под овие околности.
Оние кои прифаќаат дигитални учебници велат дека секој ученик треба да има право на избор и да учи на оној начин кој му е најлесен.
„Секој ученик учи на различен начин, треба да си избере, но не да се условуваат детето и родителот“;
„Покрај тоа што дигитален учебник е еколошки подобар, има и CTRL + F опција за пребарување, што значи нема губење време“;
„Најчесто читам книги од телефон. Знам дека не е исто со тоа да учиш на таков начин, но сепак интеракцијата е слична. Би можело на многу поубав и поинтересен начин да се приближи до сите. Сепак познавам луѓе кои не можат да ја сварат таа идеја и апсолутно го поддржувам правото на избор, детето само да одлучи од што сака да учи“;
„Дигиталните учебници би биле корисни за употреба за време на наставата доколку би се одвивала повторно со физичко присуство (а забелешки учениците да запишуваат во своите тетратки) како олеснување на учениците да немаат понатамошни проблеми со р’бетот, половината и слично од самата тежина на физичките учебници, како што имаме ние постарите генерации. Но, целосното воведување на дигитални учебници би предизвикало здравствена штета од големо значење, односно би дошло до оштетување на видот кај уениците, кое и верувам дека е во почетна фаза со новиот начин на онлајн настава.“
„Двете верзии. Учењето е полесно од хартиена, материјалите полесно се пронаоѓаат електронски, за вежби и слично“, се дел од одговорите на испитаниците.
Оние што не се согласуваат со воведувањето на дигитални учебници пак, сметаат дека со нивно воведување ќе се создаде социјален јаз поради неможноста на секој родител да си дозволи таблет или лаптоп за своите деца.
„Едноставно е. Дискриминирани би биле тие кои не можат тоа да си го дозволат“;
„Сметам дека ќе бидат штетни за нас и дека концентрацијата ќе ни биде под секое ниво, но и ќе ни се оштети видот“;
„Дигиталните учебници носат многу дистракции со пораки од останатите апликации и игри“;
„Голем број ученици немаат електронски уреди, интернет, струија и слично. Ќе има и дискриминација – некои ќе учат од таблети од 3.000, некои од 30.000 денари. Многу е избризано – никој не е спремен за тоа, на пример, наставниците. И има поголеми приоритети – тоалети, кровови, сапуни, изолаија итн“, се дел од одговорите.
На прашањето дали би прифатиле целосно укинување на хартиените учебници и нивна замена со дигитални учебници, пак, негативно одговориле дури 90 отсто од испитаниците.
Анкетата покажа дека повеќе од половина од младите (53 отсто) досега користеле или прочитале најмалку една електронска книга или учебник, додека 47 отсто не се сретнале со овој вид на учебници досега.
Сепак, високи 92 отсто од испитаниците на онлајн анкетата претпочитаат учење или читање од класичните хартиени учебници, додека само 8 проценти преферираат учење од е- учебници.
Од оние кои одговориле на анкетата, 34 отсто рекле дека многу добро се запознаени со можностите и предностите од користењето на дигитални учебници, а вкупно 54 отсто одговориле дека многу малку или донекаде се запознаени. 12 проценти пак, воопшто не биле запознаени дали електронските учебници имаат некакви предности во однос на хартиените.
На прашањето кој од набројаните предизвици сметаат дека е најголем за помладите ученици, најголем дел, 53 отсто, рекле дека тоа е користењето на електронски уреди за учење. За 30 отсто од испитаниците, пак, најголем проблем се застарените и искинати учебници, а 17 отсто сметаат дека најпроблематична за помалите ученици била тежината на ранците поради книгите и учебниците кои се носат во нив.
Во случај да се воведат дигитални учебници, речиси 90 отсто од младите сметаат дека, таблет и лаптоп уредите преку кои би се користеле таквите учебници, треба да ги обезбеди Министерството за образование и наука. Само 2 проценти сметаат дека родителите на учениците би требало да ги купат овие уреди.
Министерството за образование и наука најави дека при воведување на дигитални учебници, оние ученици кои инсистираат да учат од хартиен учебник, ќе можат да го испринтаат истиот. Околу 82 отсто од испитаниците на онлајн анкетата сметаат дека во ваков случај, МОН е оној кој треба да ги обезбеди печатените верзии од учебниците. Уште 14 проценти сметаат дека тоа треба да биде обврска на училиштата, а 4 отсто сметаат дека самите родители треба да ги принтаат учебниците.
На прашањето „Дали сметаш дека, на глобално ниво, дигитализацијата на образованието е неизбежна во следните три до пет години“, потврдно одговориле 40 отсто од испитаниците. Со ова не се согласуваат 32 отсто, додека 28 проценти немаат мислење по ова прашање.
Анкетата покажа и дека високи 76 отсто од младите лица го немаат прочитано предложениот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, во кој, меѓу другото, е предвидено и воведувањето на електронски учебници.
Анкетата на „Мета.мк“ беше спроведена преку платформата „Студентарија“ на Инстаграм, чии следбеници, во најголем дел, се студенти и ученици во средните училишта. Анкетата беше спроведена во периодот 12-13 мај годинава и на неа одговориле повеќе од 3500 испитаници.