Промовиран проектот “Паметно езеро Младост”- првата иновативна туристичка атракција во земјава

Амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир денеска ја посети општина Велес, со цел да се запознае со инвестициите реализирани за подобрување на туристичките капацитети на овој регион, во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), финансиран од Европската Унија.  

Негов домаќин беше Градоначалникот Аце Коцевски кој го информираше за она што е направено, за значењето на овие инвестиции од кои се очекува да бидат силен импулс за развој на туризмот во Велес и неговата околина. Заедно го посетија реновираниот регионален туристички центар во Велес, финансиран во рамките на овој проект, по што се упатија кон езерото Младост, првата иновативна туристичка атракција во земјава. Градоначалникот информираше дека благодарение на овој проект е реконструирана патеката околу езерото во должина од 759 м, направени се 23 т.н. паметни паркинг места, реконструиран е патот во должина од 726м до винаријата Сопот, како и 175м пат до новиот Еко Камп.

Заедно со претставниците од медиумите го посетија и Еко кампот или т.н. парк на авантурите кој се наоѓа на езерото Младост и кој исто така е реализиран во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК).

Паркот кој се протега на површина од 12000 м2, содржи 7 автентични барик куќички со соларни панели како симбол за почетокот на македонскиот вински пат. Во него е поставена и платформа за набљудување на птици со панорамски телескоп, а исто така е овозможено да се изнајмуваат паметни велосипеди кои можат да се возат на подобрените велосипедските патеки со должина од 17.5 км околу езерото „Младост“.

Во паркот се поставени и 5 паметни соларни клупи, 30 канти за селективно одложување на отпадот и 5 контејнери со вграден паметен уред за мониторинг, паметни светилки и други СМАРТ решенија кои за посетителите креираат уникатно доживување во допир со современите технологии.

Поставени се и киосци каде може да се купат традиционални производи, а се поставени и бројни патокази и информативни табли. Целокупната ивестиција изнесува 61.972.091 денари, од кои 55.505.755 денари се донација од ЕУ, додека останатите 6.466.336 денари се инвестиција на Општина Велес.

,,Езерото Младост е првата македонска иновативна дестинација,
вистински избор за одмор и рекреација на сите туристи кои патуваат по автопатот Е75 (Коридор 10), но не само за нив, туку и за сите туристи од поширокиот регион. Во хотелите и рестораните покрај езерото посетителите може да се одморат од патот и да ја вкусат традиционалната храна, а во винариите кои тука се наоѓаат да уживаат во аромите на македонското вино, особено сортите Станушина и Вранец  создадени овде, во земјата на виното и медот. Оттука започнува македонскиот пат на виното и медот исполнет со авантури, доживувања, вкусови и незаборавни пејсажи
, изјави градоначалникот Аце Коцевски.

Проект за локална и регионална конкурентност

Проектот за локална и регионална конкуретност е водечки проект за развој на туризмот во државата преку кој се поддржани 57 потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот во сите 10 туристички дестинации низ земјава. Целта на проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.

Проектот за локална и регионална конкурентост е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, се администрира од страна на Светска Банка, а се спроведува од страна на Кабинет на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори.

Повеќе за проектот дознајте на: https://lrcp.mk/.

Translate »