АКО НЕ ВИ ДОШОЛ ПОПИШУВАЧ, ПОЈДЕТЕ МУ ВИЕ НЕМУ Во секоја општина ќе бидат отворени пунктови за попишување

Пунктовите за попишување се однесуваат на оние граѓани каде попишувачот веќе поминал, но не успеал да  оствари контакт со граѓаните, рече Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика (ДЗС).

Со цел никој да не биде пропуштен во пописот, Државниот завод за статистика (ДЗС) од утре ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредни локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност, соопшти на денешната прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од ДЗС.

Таа образложи дека тоа се однесува на оние граѓани кои поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот поминал во нивиниот пописен круг, но не ги нашол во моментот дома, оставил или не оставил порака, едноствано не бил воспоставен контакт.

– Тие граѓани ќе можат да појдат на овие локации во нивните општини и да се попишат. Овие локации, за секоја општина во државата, ќе бидат објавени попладнево на веб-страницата и за сите подетални информации граѓаните ќе можат да се обратат и на телефоните што се објавени на веб-страницата, во контакт центарот на ДЗС каде ќе ги дадеме сите потребни информации – нагласи Ѓоргиева.

Таа напомена дека ова се однесува на оние граѓани каде попишувачот веќе поминал, но не успеал да  оствари контакт со граѓаните.

Ѓоргиева информира дека влегуваме во последна фаза од пописните активности на терен, кога се привршуваат сите активности што се спроведуваа последните 20 дена, кога попишувачите и нивните реонски инструктори ги посетуваат сите пописни кругови, ги проверуват и се обидуваат да откријат дали некој е пропуштен.

– Тоа е и целта на пописот. Никој да не биде испуштен, односно да биде опфатено целото население кое живее на територија на Република Северна Македонија – нагласи Ѓоргиева.

Таа потсети дека пописот трае до четврток, 30 септември, а попишувачите работат интензивно на терен, од 8 до 20 часот.

Ѓоргиева им порача на граѓаните кои досега не биле попишани, да бидат трпеливи и да очекуваат дека следните денови ќе бидат попишани, а како што додаде, некои граѓани ќе бидат опфатени во последните три дена од пописот.

Инаку, заклучно денеска до 12 часот, попишани се вкупно 1,395,000 граѓани, над 435,000 домаќинства и над 600,000 станови, соопшти ДЗС.

– До денеска заклучно до 12 часот се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората – информираше на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.

Тој од името на Владата се заблагодари до сите граѓани кои веќе ја исполниле таа граѓанска должност и апелираше до останатите во земјава и до сите во дијаспората кои досега не се попишани да го сторат истото.

– Остануваат уште само шест дена до реализирањето на процесот на регистрација на населението, домаќинствата и становите – посочи Хоџа.

Translate »