Нов струен удар за компаниите? Цените на берзите надминаа 100 евра за мегавтачас!
Надлежните државни институции мора брзо да им понудат гума за спас и да им укажат на компаниите дека е голем ризикот цената на струјата можеби уште од октомври да ги зголеми цените на нивните производи и услуги. Мечката заигра во нашиот двор. Короната доби голем конкурент. Ударот врз економијата ќе биде голем и може да ја отвори инфлаторната спирала затоа што цената на берзите не се спушта под 100 евра за мегаватчас, а претстои зима!
Македонскиот пазар на електрична енергија е пред колапс! Компании за снабдување струја од почетокот на август откажуваат договори на свои потрошувачи и не им испорачуваат електрична енергија. Образложението е дека цените на струјата на регионалните берзи вртоглаво растат и дека тие не можат да купуваат струја со загуба. Односно да ја купуваат по цени за мегаватчас кои надминуваат 100 евра, а да ја донесат во земјава и продаваат по договорени цени од 60, 70 или 80 евра за мегаватчас. Компаниите снабдувачи не сакаат свесно да влегуваат во загуби од стотици илјади евра. Поедноставно им е да платат пенал, казна или да им реализираат банкарска гаранција.
Нашиот слободен пазар на струја веќе се соочува со изразени кусоци во понудата на електрична енергија. Домашниот државен производител ЕСМ не може да излезе во пресрет затоа што има грижи и приоритет да ги снабди домаќинствата особено сега во пресрет на претстојните изборни циклуси. ЕСМ просто со ваква очајна хидролошка состојба и недоводлни количества јаглен не може да произведе доволно вишоци и да ги продаде на слободниот пазар.
Моментално најсилен е ударот врз МЕПСО затоа што националниот систем оператор мора да обезбеди стабилен и доверлив систем, солидни напопски прилики и стандардна фреквенција за непречено и доверливо снабдување на сите потрошувачи во системот. МЕПСО кусоците во системот ќе мора да ги покрива од сопствените количества наменети за системски услуги и балансирање на системот. Или во крајна линија да влече струја од соседството и свесно да оди во дебаланс на регионално ниво за да ја надополни енергијата што снабдувачите не ја испорачуваат. Во крајна линија постои ризик МЕПСО да создаде значајна загуба која во крајна линија идната година може да ја крене цената на неговата регулирана услуга за пренос на струја што во крајна линија ќе ја платат сите потрошувачи директно или индиректно.
Регулаторот реагира навремено, но неговите овластувања се мали
Надлежната Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) реагира навреме, по навремените укажувања на МЕПСО за новонастаниот проблем, и во рамки на своите надлежности веќе покрена постапки кои ги објасни нејзиниот претседател Марко Бислимоски. Веќе се изрекуваат мерки, се создава „црна листа“ на снабдувачи, ќе следат прекрошни мерки и изрекување забрани за вршење дејности со одземање на лиценци за снабдување.
За жал РКЕ не може да им забрани на некои снабдувачи доколку решат струјата што можеби ја закупиле за 60 евра да ја продадат по цена од 110 или повеќе евра, а некој свој клиент да го извисат затоа што неговата струја за која требало да наплатат на пример 70 евра ќе ја продадат за 100 или 110 евра во зависност од моментот и нуждата на клиентот. Тоа е оставено на нивниот деловен морал и етика.
Оваа глобална енергетска криза , за жал иако најавена, ја дочекавме неподготвени. Со исклучок на МЕПСО и на РКЕ другите надлежни државни органи и стопанските комори веројатно уште не се свесни за тоа дека нашата национална економија е изложена на висок и немерлив ризик од ценовни шокови на енергенсот – електрична енергија која е значаен импакт фактор во цената на производите и услугите кои ги пласираат во земјава или во извоз.
Izvor Faktor.mk