Една година по смртта на 34 годишниот лекар од Вухан кој предупреди за Ковид-19, а власта сакаше да го замолчи
Една година по смртта на Ли Венлијанг од Ковид-19, жителите на кинескиот град Вухан порачуваат дека и натаму му се благодарни на лекарот кој прв предупредил на избивањето на епидемијата на коронавирус пред таа истата официјално да биде објавена.
34-годишниот Ли Венлијанг, офталмолог во градската болница, станал една од најистакнатите фигури во првите денови од избивањето на епидемијата во Вухан, кога се обидел да предупреди на појавата на непознат вирус, но полицијата му замерила поради “ширење на гласини”, а неговата смрт од последица на Ковид-19 пред точно една година ги растажила сите негови колеги и жители на овој град, кои денес Ли го сметаат за херој, пренесува “Reuters”.
“Прв ни зборуваше за вирусот. Сигурно знаел дека последиците ќе бидат огромни, но сепак крена паника. Тоа беше навистина храбро”, рекол за агенцијата 24-годишниот Ли Пан, сопственик на продавница во Вухан.
И некои други граѓани на Вухан со кои “Reuters” разговарал, потврдиле дека благодарение на предупредувањата на Ли, пред властите отворено да проговорат за вирусот, преземале одредени мерки за заштита, што можеби им го спасило животот.
Агенцијата наведува дека претседателот на Кина, Кси Џинпинг, кога во септември зборувал за хероите во народната борба против вирусот, не го споменал придонесот на Ли Венлијанг, а прашањето за потеклото на вирусот станало многу политизирано.