Кастриот Реџепи објасни зошто го снемало на денот на гласање недоверба на владата

Самоволно се засолнив на денот на гласањето на доверба на Владата, рече денеска во своето јавно обраќање до јавноста, од Собранието каде што одржа пресконференција, пратеникот Кастриот Реџепи од Беса.

Јас сум мирен и со чиста совест, рече Реџепи пред граѓаните.

„За да нема трачеви и шпекулации, јас, Кастриот Реџепи, сојузник на своите сограѓани, и Албанци и Македонци, и сите кои имаат поглед напред, сојузник на САД и на ЕУ, изјавувам дека самоволно се засолнив на денот на гласањето, со цел да не дозволам на бранот на резултатите од локалните избори, земјата да оди во спротивен правец од она што е моја идеолошка определба. Ова особено во услови кога сојузниците од Брисел и Вашингтон ви велат дека треба да оди земјата напред, а тоа го кажува и моето срце и умот. Сфатрив дека некој мора да пресече во корист на иднината на земјата, а тоа во овој случај бев јас, иако е тешко да се има различно мислење од своите сопартијци“, рече Реџепи. 

Нагласи дека се надева дека ќе преовлада разумот за иднината на земјата, а во таков случај е најбитно да има стабилно парламентарно мнозинство, брза реконструкција на Владата ако е неопходно, но и многу работа. 

На прашањето зошто тоа тогаш не го кажал јавно како сега, и дали не точно дека побарал физичко обезбедување, тој рече дека неговите првични размислувања биле да дојде на седницата, да има свое обраќање и да гласа против изразување недоверба на Владата. 

„Но, со оглед што имав информации дека на седницата нема да дојде мнозинството, ќе бев единствениот кој ќе требаше да гласа против. И се сомневав дека ќе можам да бидам цел на напад, не само вербален, туку можеби и физички, а знаеме дека ние уште не сме скандинавска земја и дека тоа е можно, и дека не може толку лесно пратениците да гласааат според своето убедување. Јас имав закани и притисоци преку пораки кои беа испратени до соодветните институции. Јас за тоа не кажав на никого, ниту на семејството, за што им се извинувам, и на целата јавност, што ми беа исклучени телефоните“, рече Реџепи. 

Тој кажа дека не може да каже од кого биле пораките, за да не му наштети на процесот. И заради тие пораки добил обезбедување, а не на негово барање. 

На прашањето дали на ова му укажале од меѓунариодниот фактор, тој рече дека како политичар и пратеник има средби со многу претставници од меѓународниот фактор, но немал средба со холандскиот премиер Марк Руте.

„Не можев како пратеник со моја рака да пресудам на преговорите“, рече Реџепи.

Тој призна дека бил подготвен да даде поддршка за проимена на Влада, но праша – „зошто да не почекаме до 14 декември, да видиме што ќе се случи со датумот“.

Реџепи рече дека е пратеник на Беса и додека не се променуи неговиот статус, ќе делува така. 

На прашањето дали има комуникација со премиерот Зоран Заев, рече дека со него бил и претходно, а ќе има и понатаму, како највисок функционер на владејачкото мнозинство. И кога премиерот ја поднел оставката, апелирал до него да не го стори тоа сега, бидејќи сега е битна иднината на земјата, а оставката може да се поднесе и понатаму.

За неговото движење Беса вели дека нема формална одлука да излезе од Владата, и затоа според него, Беса е сеуште во коалиција со актуелното владино мнозинство.

„Во моментов сме во коалиција со СДСМ, ДУИ и ДПА. И Беса е во Владата. Не се влегува или излегува од Влада со изјава или фејсбук статус. Централниот одбор носи одлука за излегување од коалиции. Кога ЦО ќе ја донесе таа одлука, тогаш ќе сме излезени.. Во моментов Беса е во Владата“, рече Реџепи.

На прашањето кој му гарантирал за датумот, рече дека тоа никој не може да го гарантира. А такви сигнали добил од високи претставници од странство, бидејќи во Беса бил контакт поинт со сите амбасади.

„Но, и без ова, изјавата на Макрон, на Руте при посетата, максималната ангажираност од Вашингтон, најавената посета на Ескобар во декември…, дали да се нацрта, за мене како никогаш досега е најизвесно дека ќе добиеме датум во декември. Плус, многу битно, исходот од изборите во Бугарија, сите коцки се споени. А ако гласавме за интерпелација во Собранието, јас ви потпишувам дека немаше да добиеме датум“, рече Реџепи, по што ја напушти пресконференцијата, а на новинарите кои уште сакаа да поставуваат прашања, им порача да го викнат на интервју во нивниот медиум, каде што е подготвен се да објасни.

Translate »