Ова што се случува во Данска ја чека цела Европа, лошите вести за омикрон допрва доаѓаат
Светот сè уште се наоѓа во конфузија на информации околу омикронскиот вид коронавирус. Велика Британија го забележа првиот смртен случај на пациент заразен со омикрон во понеделникот. Случаите во Данска се зголемија, што доведе до рекорден дневен број заразени со коронавирус. Експертите, исто така, велат дека веќе се откриваат нови варијанти на омикрон, кои би можеле да бидат уште позаразни од постоечкиот вид.
Британскиот премиер Борис Џонсон вчера потврди дека едно лице починало како последица на заразување со сојот омикрон на коронавирусот. Бројот на новозаразени во Британија го надмина летниот врв, но сепак е под рекордните бројки од јануари. Министерот за здравство, Саџид Џавид изјави во парламентот дека омикрон ќе стане доминантна варијанта во следните 48 часа. До крајот на неделата омикрон ќе стане доминантен и во Данска.
Велика Британија и Данска се разликуваат од другите земји по тоа што вршат софистицирани анализи на генетското секвенционирање, што им овозможило да го детектираат омикронот пред другите земји.
Експертите очекуваат омикрон да го претставува најголемиот дел од случаите во Данска до средината на неделава.
Непосредно пред Божиќ, според Грегоријанскиот календар, омикрон ќе претставува најголем дел од сите случаи во Норвешка, според норвешката Влада која објави пакет мерки за забавување на ширењето на инфекцијата. И Данска и Норвешка очекуваат бројот на новозаразени далеку да ги надмине претходните врвови.
Во Норвешка, епидемиолозите предупредија дека доколку не се преземат мерки, може да имаат од 90 000 до 300 000 заразени дневно. Фроде Форланд, норвешки епидемиолог, изјави за „Фајненшл тајмс“ дека очекуваат околу 500 приеми во болница дневно, речиси двојно повеќе отколку во претходниот бран. Тој очекува експоненцијален раст.
Ситуацијата е многу сериозна, потребни се итни мерки, пишуваат европските медиуми. Ноќта од вторник кон среда, Норвешка влегува во четиринеделна забрана: алкохолот ќе биде забранет во таа земја четири недели, а владата ја вклучи армијата за да помогне во организирањето масовни вакцини.
Норвежаните нема да пијат за Божиќ или Нова Година, кафулињата, рестораните, пабовите се затворени четири недели…
Izvor Sloboden pecat