Проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска: развивме онлајн платформа за психотератија!

Модерниот и динамичен начин на живот има големо влијание врз психофизичкото здравје на луѓето. Брзото темпо и кратките рокови за работа, стресот, доведуваат до намалена толеранција, ниска самодоверба, несигурност, гнев, што севкупно влијае и на тоа како се чувствуваме. Денес, стресот е најголемиот непријател на луѓето, нешто што влијае на нашето ментално здравје. 

Животот дефинитивно е поинаков во споредба со порано. Луѓето се понервозни, затворени во себе, со недоверба кон системот и институциите, а тоа им се одразува и на квалитетот на животот. Стравот кој го предизвика здравствената криза уште повеќе ги засили овие негативните тенденции. Се најдовме во состојба која не е природна, и која не треба да се прифати! Но, не секој може да се носи со новите предизвици. За некого тие се голем товар, кој им создава внатрешна болка и немир, што влијае и на околината, посебно на најблиските. Како да се заштитите себеси и најблиските? Како да ги зацелиме траумите и загубите, како полесно да ги надминеме потешкотиите? Токму со оваа мисија, да помогне со совети на што поголем број на луѓе, во различни проблематични и тешки ситуации, проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска со својата ПЗУ Психомедика,  со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, ја креира првата онлајн платформа за психотерапија на македонски и албански јазик. По тој повод нашата редакција ја отвори темата за менталното здравје и како да си помогнеме себеси и на блиските.

  1. За кого пред се е наменета оваа терапија?

Платформата е за сите клиенти кои се спречени да дојдат физички, за сите кои се далеку и не можат да си дозволат да земат слободен ден од работното место, за сите кои живеат толку далеку, а сакаат за душата да зборуваат на мајчиниот јазик. Всушност, платформата го следи современото живеење, во кое информациите се споделуваат брзо. Каде и да сме, можеме да бидеме блиску!

  • Да се побара помош не треба да претставува нешто од што треба да се срамиме. Напротив тоа е инвестиција во здравје и среќа. Дали сеуште постојат предрасуди кај нас на оваа тема?

Се разбира дека сеуште постојат многу предрасуди, но исто така и погрешните информации се шират со брзина на светлината.

Мене ми е сосема разбирливо, кога се појавува промена во психичкото функционирање, кога се јавува период на тага, раздразливост, анксиозност, човекот да се обиде да направи сé што знае сам и да се обрати до својот најблизок круг на семејна и социјална поддршка за да го надмине тешкиот период. Оваа борба на личноста вклучува разговори, зголемена социјализација, физичка активност, планинарење, градинарство, некакво хоби… Сите вакви активности се за поздравување и во секојдневната терапија ги поттикнуваме луѓето да прават нешто за себе, да се вклучат во општестевно корисни активности и да ги зајакнат снагите за борба со суровоста на секојдневието.

За жал, еден дел од луѓето кои имаат психичка тешкотија, олеснувањето на симптомите го бараат во алкохолот, марихуаната, амфетамините, коцкањето, прејадувањето, повраќањето, импулсивното купување непотребни нешта… Јасно е дека ваквите активности даваат инстант олеснување и убаво чувство, но по неколку часа ќе пристигнат последиците, и уште повеќе ќе ја влошат психичката состојба.

Затоа, штом дојде таков период во животот, без разлика од кои причини, кога се гледа дека човекот се измачува, не може да дојде до подобрување со своите постоечки сили, тогаш е време да се побара стручна помош.

Во мојата пракса, а верувам и кај сите колеги, гледаме луѓе кои ќе се јават на преглед после неколку недели или еден месец на намалено или отежнато функционирање. Но, работиме и со лица кои по 2 или 3 години се измачувале, лутале по интернисти, невролози, снимања, лаборатории, поминале кај сите бајачи и надрилекари додека да го најдат патот до психијатарот. Ме фасцинира влијанието на, според мене „колективното несвесно“ на Јунг, кое толку успешно ја држи во живот вербата на нашиот народ во непознати повисоки сили, кои се материјализираат во способностите на локалниот бајач, кој го има во секое село. Оној кој се мачи со психички потешкотии, е постојано бомбардиран од информации за разни ритуали поврзани со, но не и одобрени од мејнстрим религиите, разни гледачи, бајачи, луѓе кои може да направат само краткотраен плацебо ефект и ништо повеќе. Потоа, доаѓа индустријата на суплементи, разни билни препарати, витамини, комбинации од билки, екстракти од непознати растенија и животни, кои се „на природна база“, што алудира дека не се штетни. Нивната цена повеќекратно ја надминува цената на фармаколошки добиената, ригорозно испитувана и долгорочно следена терапија.

Затоа, заблуда е идејата дека лековите се штетни, дека фармацевтската индустрија сака да не „дрогира“ и да не направи зависни од лекови за да профитира од сите нас. Просечниот читател би се изненадил доколку знае, колку е тешка секојдневната борба со сомнежот кој се разви во луѓето заради она што се пласира по социјалните мрежи, заради гласноста на теоретичарите на заговори, и намалената доверба во системот и здравствениот сектор. Колку животи се повлијаени од небарањето на помош на вистинското место, колку страдање може да се избегне благодарение на психотерапијата и фармакотерапијата. Но, за тоа да се случи, треба да се премине преку разочарувањето дека човекот не може да се „избори“ сам, дека треба да оди кај психијатар, што различно се доживува кај различни луѓе. За некои е разочарување, за некои е срам, за други страшно итн.

  • Какви терапии најчесто се бараат?

На psihomedika.com најчесто се бараат индивидуални и партнерски психотерапии заради анксиозност и анксиозни растројства, депресија во сите форми, зависности, брачни кризи, растројства во исхраната и многу други проблеми. Клиентот може да избере терапевт или доктор, да одбере термин и да закаже исклучиво видео сесија.

Нашиот пристап е холистички, и имаме соработка помеѓу доктор психијатар и психолог терапевт. Зависно од тоа што им е потребно на клиентите, правиме проценка и ги насочуваме луѓето кон соодветен терапевт или доктор. Некои полесни состојби, можат да се решат само со психотерапија. Некои клиенти се јавуваат кај психолог за да постигнат раст и подобро функционирање. Иако постојат психички болести кои мора да се лечат со лекови, научно е докажано дека за сите психички растројства комбинацијата од фармакотерапија и психотерапија е поефикасна отколку само едната или само другата терапија. Затоа, нашиот пристап обезбедува да добиете преглед, психотерапија и/или фармакотерапија без да доаѓате физички кај психијатар/психолог и без да губите работен ден за да ја завршите оваа Ваша потреба.

Друго важно нешто, во креирањето на онлајн платформата, многу внимававме на безбедносните стандарди. Обезбедивме целосна одделеност на информациите на клиентите при закажување и плаќање од сесијата која се одржува на сосема друго виртуелно место. Тоа се две различни места, кои не можат да се поврзат, со што идентитетот на клиентот е заштитен по највисоки стандарди. Исто така, веднаш после завршувањето на видео-сесијата, сите податоци исчезнуваат засекогаш, како никогаш да не постоеле. Нашата платформа е само наша, ја поседува ПЗУ Психомедика, а не Гугл, Мајкрософт, Вибер, Фејсбук, Зум. Тоа гарантира поголема безбедност, бидејќи нема посредник во давањето на услугата. Со ова особено се гордееме, и сме благодарни на Фондот за иновации и технолошки развој, бидејќи без нивната финансиска и консултантска поддршка немаше да биде возможно да креираме нешто толку автентично и практично.

  • Имате стручен тим со искуство кој влева доверба. Какви се програми нудите?

Тимот на ПЗУ Психомедика – онлајн платформа во моментот е составен од 8 психијатри/невропсихијатри и 13 психолози/терапевти. Тимот постојано расте, со оглед дека онлајн активно работиме само 6 месеци, интересот е навистина голем и од клиентите и од колегите. Сите доктори и терапевти се пред се исклучителни професионалци, квалификувани и обучени да работат различни форми на психотерапија и советување. Уште еднаш ќе ја нагласам тимската работа, преку која можете да бидете сигурни дека најбрзо и најефикасно ќе дојдете до резултат. Нашето мото е „Ќе биде подобро!“ и токму тоа сакаме да го постигнеме, да направиме да се чувствувате и функционирате подобро. Степенот на подобрување е индивидуален, зависно од проблемот, но Ве уверуваме дека ќе добиете најдобра можна психолошко-психијатриска помош за Вашиот проблем.

Во последните неколку месеци креиравме и тестиравме неколку програми за помош и поддршка на определени групи на луѓе како што се: Лица кои живеат со хронични болести; Програма за психосоцијална и правна поддршка на родители во развод; Лица кои сакаат д ја подобрат својата самодоверба.

Особено сакам да ја истакнам програмата Оаза за парови, која е уникатна можност за паровите кои сакаат да учествуваат во нешто ново, исклучително креативно и да искусат активности специјално креирани за двојки. Нашата Оаза за парови се наоѓа во хотел Театар во Битола, каде за секој пријавен пар се прави индивидуална програма според нивните потреби. Програмата вклучува: советување со системски семеен терапевт, тренинг за парови, заедничко готвење, театарски активности, специјално дизајнирани игри за поврзување, запознавање, решавање на конфликти и многу други изненадувања. Добредојдени се сите парови кои сакаат да се поврзат или да го освежат партнерството, парови во брак, во брачна криза, во партнерска врска на почеток, истополови партнери, парови кои сакаат ново искуство…

  • Кој е вашиот општ совет за менталното здравје?

Во однос на менталното здравје, би сакала сите да се грижиме за телото и душата подеднакво, и вистински да разбереме дека тоа е една целина. Многу повеќе му даваме внимание на болното тело отколку на она што не прави да сме единствени и посебни, нашата личност и психичкиот живот. Уште помалку работиме на тоа да го одржиме телото и духот здрави. Мислам дека ситуацијата се подобрува по малку кај младите генерации, но има голема потреба да се работи на превенција на болести и растројства кои произлегуваат од животниот стил кој го практикуваме.

Сé може да се купи и да се замени, само телото и умот не може да го замениме. Да престанеме да се грижиме за предметите подобро отколку за себеси! За почеток, да преиспитаме што навистина нам ни е потребно и да почнеме да вложуваме во себе, без изговори и одложување. 

Translate »