Макрон: Путин ми гарантира мир
Западните влади ја обвинуваат Москва дека е подготвена да започне инвазија на Украина, а Москва тврди дека САД и НАТО ја дестабилизираат Европа.
Ова се денови на големи состаноци во време кога западните влади со дипломатски напори се обидуваат да ги намалат тензиите на истокот на Европа. Во понеделникот во Белата куќа се состанале германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот претседател Џо Бајден за јавно дека кажат дека се “обединети во пристапот” кон Москва, а истиот ден францускиот претседател Емануел Макрон во Москва разговарал со рускиот лидер Владимир Путин. Макрон потоа отпатувал во Киев на состанок со лидерот на Украина, Володимир Зеленски.
Западните влади ја обвинуваат Москва дека е подготвена да започне инвазија на Украина, а Москва тврди дека САД и НАТО ја дестабилзираат Европа.
Макрон во Киев соопштил за што разговарал со Путин и истакнал дека успеал од својот руски колега да добие гаранции дека нема да има ескалации. Путин му предложил конкретни безбедносни гаранции, а тој покажал подготвеност да ги одржи стабилноста и територијалниот интегритет на Украина.
„Ми даде гаранции дека нема да има деградации или ескалации. Мојата цел беше да се замрзне ситуацијата, да се спречи ескалација и да се отворат нови перспективи. Таа цел е исполнета“, рекол францускиот лидер. Ја нагласил важноста од дијалог со Русија, кој е потребен за обезбедување на стабилност во Европа.
Но, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, демантирал дека двајцата лидери вчера постигнале конкретен договор, а притоа и добро опишал што мисли Кремљ за Париз, како и за сите земји во НАТО, освен САД.
„Тоа едноставно не е можно. Франција е членка на НАТО, но не е лидер – тоа место и припаѓа на сосема друга земја во блокот. Па, за какви договори можеме да зборуваме?“, рекол Песков.
Макрон по состанокот со Зеленски и Путин истакнал дека двајцата лидери се посветени на имплементација на Договорите од Минск, кои се потпишани во 2014-та и 2015-та година и биле основа за мировен договор со кој би се завршила војната во Украина. Но, Москва со години го обвинува Киев дека одбива да го имплементира тој договор.