Проф. Д-р Аспазија Софијанова: новиот детски онколошки центар ќе овозможи рана дијагностика и најсовремен третман на малигните болести
Многу брзо во рамките на детската клиника ќе биде отворен онколошки центар кој ќе овозможи рана дијагностика на малигните болести кои за жал ги гледаме и кај децата. Тие се јавуваат дури и во раната неонатална возраст и во раната детска возраст, а несмееме да заборавиме дека и болестите на крвната лоза се често видени кај децата, вели Директорката на детката клиника Проф. Д-р Аспазија Софијанова. Според неа детската онкологија е еден од приоритетите на клиниката. Ќе овозможи рана дијагностика на малигните болести и можност навремено да се реагира, и да им се помогне на многу деца.
Новиот онколошкиот центар не само што ќе пружи удобност и комодитет по сите најнови стандарди присутни во најсовремените светски центри, ќе има посебна нова климатизација, инсталации и опрема што бара една најмодерна клиника, туку тој ќе обезбеди и место кое ќе нуди поголема удобност за децата од почетокот и во текот на целиот третман, значи престој во едни многу поубави услови. Бидејќи кога ги визуелизираме убавите нешта тие предизвикуваат и убава перцепција и лачење на убави хормони што се важни за целокупната здравствена состојба на овие пациенти.
Новиот детски онколошки центар ќе има библиотека и учителка која ќе работи со овие деца, ќе има и забава, а доколку сеуште владее Корона пандемијата тоа ќе биде спроведено под сите соодветни протоколи и мерки кои ги налага состојбата и секако протоколи кои ќе соодветствуваат со Германските со кои имаме комуникација и кооперација. Центарот ќе вклучи и посттрансплантациски оддел со просторија со негативен притисок, со комплетна грижа за пациентите после трансплантација која веројатно ќе се одвива на клиниката за хематологија со која имаме тесна соработка, а тоа значи дека прифаќањето на тие деца ќе се одвива на највисоко ниво со целосно мониторирање од страна на педијатри.