Ико Брдароски, Пакомак: Повратните вендинг машини се софистициран начин на собирање и стимулирање на населението за селектирaње пластични шишиња и лименки

Повратните вендинг апарати за пластични шишиња и лименки на Пакомак низ неколку градa во земјава, кои веќе една година се во функција, целосно ја оправдуваат својата намена да ги мотивираат луѓето активно да се вклучат во процесот на селекција на отпад и да придонесат во оствaрување на поставените национални цели за рециклирање на амбалажен отпад. Се празнат и по неколку пати на ден, а годишно се очекува од еден апарат да биде собрано и до 8 тони отпад од амбалажа. Според експертите, со воведување, пак, на системот на кауција, само од ПЕТ амбалажата може да се соберат до 90% од тоа што се пласира на пазарот, а државата би инкасирала дополнителни 10 милиони евра.

Пакомак е најголем колективен постапувач за управување со отпад од пакување во земјава. Управува со над 44% од целокупниот отпад од пакување што годишно се создава во државата. Ико Брдароски од Пакомак во разговор за МИА објаснува како компанијата ги постигнува поставените цели, колку се задоволни од постојниот систем на прибирање на амбалажниот отпад и што е потребно за да се унапреди системот и да се зголеми опфатот на собирање на таа амбалажа.

– Пакомак е прв и најголем колективен постапувач во Македонија, непрофитна организација. Основан е од „најголемите компании кои што пуштаат амбалажен отпад на пазарот со продажба на своите производи. Ние работиме во нивно име и во име на сите други над 800 клиенти кои што пуштаат амбалажен отпад, собираме во нивно име амбалажа и ја носиме на рециклирање. Целите да се остварат не е лесно, но со континуирана инвестиција во инфраструктурата, едукација на населението и со добар план, целите се остварливи, вели Брдароски.

Овој тип на работа, додава тој, не трпи импровизации, не трпи една година доцнење во инвестирањето од аспект на инфраструктурата бидејќи таа година многу тешко може да се надомести. Она што треба да го остваруваат и што го остваруваат е, вели, пропишано во Законот за управување со отпад од пакување. Тоа се всушност, оние национални цели за собран амбалажен отпад којшто потоа треба да се однесе на рециклирање и тие цели растат од година во година.

– Ако првата година, 2011, беа 14% да собереме од тоа што ни пријавуваат, зборуваме за амбалажен отпад – хартија, пластика, стакло, метал, композит тетрапак и дрво, оваа година тие цели изнесуваат 57% и се доста високи, но се усогласени со европските цели. За постигнување на така високи цели, покрај основната инфраструктура – контејнери кои што се поставуваат на јавни простори за да се овозможи населението да го селектира амбалажниот отпад, ние одиме чекор понатаму, ги следиме европските трендови со инвестиција во повратни вендинг машини, вели Брдароски.

Повратните вендинг машини се софистициран начин на собирање и дополнителен начин за стимулирање на населението за селектирaње пластични шишиња и лименки.

– Искуствата покажуваат дека тие високи над 60, па и повеќе проценти на амбалажен отпад што треба да го собереме, се постигнува на тој начин, појаснува Брдароски.

За користење на вендинг машините потребно е само да се инсталира мобилната апликација Екомак на мобилниот телефон и да се проследи упатството.

Запрашан за тоа дали државата треба да инвестира во овој вид на прибирање на отпад од пакување, тој е дециден дека нема потреба од инвестиција, туку она што е потребно и го очекуваат од државата е само да настојува доследно да се имплементира Законот за отпад од пакување. – Тоа е она што ние го очекуваме од државата. Има нов закон којшто е одличен и мислам дека сме на добар пат, ако целосно се имплементира, да оствариме добри резултати и како држава, а не само како Пакомак, вели Брдароски.

Од друга страна, како што нагласува, многу важно е општините да инвестираат во подобрување на своите технички капацитети или барем да партиципираат во стимулирањето на населението со овие повратни вендинг машини, бидејќи ако отпадот не се одложи во тие машини или во контејнерите, ќе заврши како комунален отпад на депонија.

– Во блиска иднина ќе има регионални центри за депонија на отпад (државата планира три такви центри) и секое депонирање на отпадот за општините ќе претставува трошок, така што ќе треба да плаќаат. Ако се  депонираат пластичните шишиња на депонија дополнително е загадувањето на животната средина, а доколку се соберат со вендинг машините тие може да генерираат и приход за самата општина. Затоа со еден проект, што е поддржан од Швајцарската Амбасада, покрај тоа што поставуваме машини, ги едуцираме и стимулираме општините дека и тие треба да ги стимулираат своите граѓани да ги користат овие машини, појаснува Брдароски.

На забелешките од нашите луѓе кои патуваат во земјите во Европа дека средствата кои што се добиваат од вендинг машините кај нив се многу поголеми отколку кај нас (овде се добиваат во вид на зелени поени), Брдароски одговара дека таквиот систем добро да се раководи да биде под менаџмент на компанија колективен постапувач како Пакомак, а не на државата бидејќи такви големи системи најдобро функционираат кога се менаџирани од приватни компании кои што работат на непрофитна основа. Тоа е докажано во скандинавските земји каде што веќе повеќе од 20-30 години функционира таков систем.

Потврдува дека тоа е всушност системот на кауција каков што го имавме во државата на времето.

– Тоа е системот на кауција, но тој систем бара организација, бидејќи покрај машините, населението има можност да ја врати амбалажата и на каса во маркетите, па потоа маркетите ја пакуваат амбалажата, а треба да вратат и средства. Така што тоа е еден комплексен систем поврзан со финансии кој што треба добро да се менаџира и да се организира. За најмалку пет-шест години ние како држава би биле подготвени за овој систем, за кој ќе биде потребен нов закон. Најважно е ние сега да почнеме да ги создаваме навиките кај населението да ги користат вендинг машините, вели Брдароски.

Инаку, вендинг машините на Пакомак се македонско производство поддржано од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), развиени во соработка со Електротехничкиот факултет во Скопје. Хардверот е увезен од странство, а софтверот е наш. Досега се поставени вкупно 13 такви машини во целата држава. Од нив, три се купени од Швајцарската амбасада за Североисточниот плански регион и се поставени во Куманово, Крива Паланка и во село Слупчане.

– Машините се поставени веќе една година и функционираат одлично. Меѓутоа во нивното работење се забележани низа аномалии, недостатоци од софтверски или хардверски аспект – често пати заради неедуцираност на луѓето, ќе стават повеќе шишиња и таа се заглавува, вели Брдароски.

Затоа, решиле да одат на друг концепт на машини кои во иднина ќе бидат подготвени и за т.н. депозитен систем или системот на кауција, за што веќе е потпишан Договор за соработка со Швајцарска амбасада.

– Проектот трае 30 месеци, во август веќе изминуваат првите 12 месеци, и со него во план е да се постават 70 такви машини. Проектот е со кофинансирање – 35% од средствата се од Амбасадата, а 65% партиципира Пакомак. Наскоро треба да бидат поставени уште 30 нови машини, а другата година уште 40 од новите модели. Пакомак има план во наредниве пет години да поставиме 300-400 машини. Тоа е оптимистичко сценарио, а песимистичкото е во наредните седум години со цел да ги има во секој град и секој да има можност да ја искористи таа машина, нагласува Брдароски.

Постојните вендинг машини во Скопје се празнат и два до три пати во денот што значи дека од една машина се собира од 6-8 кг отпад што е сосема задоволителна количина за да се олесни исполнувањето на националните цели. Очекувањата на годишно ниво се 6-7 тони, па и повеќе отпад по машина.

Новите вендинг машини кои ќе се постават се побрзи, поедноставни за користење и со поголем капацитет така што, според Брдароски, лесно се остварливи поставените цели. Тоа е сериозна количина на отпад од амбалажа која може да се искористи за производство на шишиња, бидејќи целта на големите компании кои што имаат значителен амбалажен отпад во своите прозиводи како Кока Кола, Пепси е одреден процент од нивната амбалажа да се прави од рециклирани пластични ПЕТ – шишиња.

Во проектот со Швајцарите, Пакомак работи и на Smart wаste management system, односно на развој на наш софтвер и на сензор кој што ќе биде поставен на сите игло-контејнери / за стакло, за пластика кој ќе покажува кај се наоѓа контејнерот, колку е полн со што ќе се оптимизира трошокот за собирање на содржината од тие контејнери. Тој софтвер е поддржан од МЖССП и ќе биде достапен за користење за увид во целосното движење на отпадот во нашата држава. Овој вид на систем во моментов постои само во 3-4 општини во Европа како пилот проект и дава можност на секој камион кој собира и пренесува каков било отпад да се постави сензор и да се следи неговото движење како и тежината која ја носи до депонија. Вендинг машините ќе бидат, исто така, дел од тој софтвер при што луѓето на мобилна апликација ќе можат да најдат каде во нивната околина има поставено вендинг машини, потоа можност поените собрани од рециклажата да се користат во маркети во вид на ваучери. Идејата е во повеќе продажни ланци да се користат тие поени, но ќе има и можност ваучерите да се донираат на општините за значајни јавни проекти.

Од Пакомак посочуваат дека во Северна Македонија годишно се генерираат над 100.000 тони амбалажен отпад. Од нив, околу 60.000 тони се евидентираат во системот и за нив фирмите кои го создаваат тој отпад, плаќаат. За другите 40-ина проценти отпад кој се генерира од компании, но кои не го пријавуваат и не плаќаат на годишно ниво, државата губи над 1,5 милиони евра. Ако државата овие фирми, преку надлежните органи ги задолжи на договор со колективен постапувач и ги обврзе ретроактивно да платат за последните 11 години (колку што е во сила Законот за управување со пакување и отпад од пакување), можат да бидат наплатени 10 милиони евра.

Лидер во светот по враќање и рециклирање на амбалажна пластика со помош на повратните вендинг машини е Финска со собрани дури 90% од вкупните количини на амбалажа од пијалаци.

Translate »