АЛБАНСКИ ЛЕКАРИ ДОШЛЕ ВО ИТАЛИЈА ДА ПОМОГНАТ, А КАЗНЕТИ СЕ ПО 500 ЕВРА: ВО ХОТЕЛОТ ГО СЛАВЕЛЕ ВРАЌАЊЕТО ДОМА
Тим од девет албански лекари и медицински сестри кои пристигнаа пред еден месец да им помагаат на италијанските колеги во болниците во Бреша, беа казнети од локалната полиција затоа што тие се собрале во хотелска соба ноќта пред да се вратат дома за да го прослават крајот на мисијата.
Сопственикот на хотелот во кој биле сместени ја повикал полицијата која им изрекла казни од по 500 евра на Албанците, наведувајќи дека дури и медицинскиот персонал не може да постапи против мерките на забрана кои се во сила во моментот на пандемијата на коронавирус, а се однесува на собири и задолжително физичко растојание.
Членот на локалната самоуправа од Бреша, Џанпаоло Натали рече дека „кој е виновен, треба и да одговара“.
„Овие луѓе дојдоа по наредба на албанскиот премиер да ни помогнат во најтемните моменти од нашите животи, кога нашите болници беа на колена поради„ Ковид-19 “, а сега се враќаат во својата земја со 9 казни од по 500 евра и прекршочни пријави затоа што по месец дена во болниците, сакале да се релаксираат и да го прослават враќањето дома“, рече тој изнервиран од случајот.
Тој побара случајот да биде истражен до крај, да се откријат виновниците и за случувањата да расправа Парламентот.
Мал тим албански лекари и друг медицински персонал пристигна во Италија пред еден месец и беше пречекан со поздрави и аплаузи. Тие лично беа испратени од премиерот Еди Рама кој им порача на Италијанците дека гестот е симболичен, но покажува дека Албанија не ја заборава помошта што во минатото често ја добивале од Италија.