Цело Скопје бетонизирано, не останаа тревници да ја впиваат водата
Нови згради на секој чекор, а канализација стара половина век. Намалено зеленило на сметка на агресивна урбанизација. Кога сето тоа ќе му се случи на еден град, невремиња од по неколку минути предизвикуваат големи поплави. Партиите се препукуваат, но кој е виновен дожот или властите?
Комуналците расчистуваат по невремето што зафати делови од Скопје, граѓаните пријавуваат штети, а власта и опозицијата се обвинуваат кој е виновен. Граѓани и архитекти посочуваат дека агресивната урбанизација е причината за тоа што му се случува на главниот град.
Скопската општина Чаир во вторникот беше погодена од силниот дожд. Граѓани кои живеат таму велат дека виновникот за поплавите не е дождот, туку властите, и општинските и оние од централната власт, кои дозволија изградба на нови згради, а канализациската и водоводната мрежа остануваат исти како пред 50 години.
Хатиџе Сулејмани, која повеќе од 50 години живее во населбата Серава во Чаир во Скопје, на само 1,5 километар од центарот на градот, вели дека по изградбата на повеќе згради во оваа населба, канализациската мрежа не може да ја апсорбира дождовницата, по што канализацијата се преполнува и ги поплавува куќите.
„Да, улиците се полнат со песокот по изградбата на зградите што ги гледате, канализацијата не работи и она малку е блокирано затоа што луѓето не размислуваат“, вели Хатиџе Сулејмани, појаснувајќи дека нејзината куќа последниве години почнала да се поплавува по изградбата на станбена зграда на само неколку метри од нејзината куќа.
Курбан отидоа и нови градби
Според податоците на УХМР во изминатите 24 часа во Скопје наврнале осум литри на метар квадратен. За споредба во поплавите во Стајковци во 2016, во кои имаше и жртви, наврнале околу 100 литри дожд на метар квадратен.
„Црните точки“ во градот, како подвозникот во близина на Стоковна куќа Мост пред Старата чаршија во Скопје, кружниот тек кај хотелот Континентал и досега се поплавувале при посилен дожд. Но овојпат се поплавија и нови објекти, како трговскиот центар Ист гејт мол, пуштен непосредно пред локалните избори лани во октомври и новата зграда кај Мајчин дом во општина Аеродром на чија изградба ѝ претходеа граѓански протести, за да не се уништува зеленилото на сметка на изградба на нова зграда.
Водата си го наоѓа патот, па ако не може на едно место, кое можеби е неисчистено и нема добар одвод, ќе се појави на следното, вели градежникот Салим Aсани од Групацијата за градежништво во Стопанската комора на северозападна Македонија. Тој посочува неколку можни причини зошто
„Ако инфраструктурата и објектот се испроектирани за ова ниво на поплави и ветрови, тогаш инфраструктурата треба да ја прима таа вода и да нема поплави и тогаш проблемот се појавува во градбите, дали се тие соодветно испроектирани и дали се соодветно изведени“, вели Асани.
Нема зеленило, има поплави
Треба да се остават слободни простори во градот, зелени површини кои ќе впиваат вода, вели архитектката и планер Даница Павловска – Циги за РСЕ.
„Ова невреме, освен што имаше силен ветер, имаше и голема количина на вода, која треба да ја впие земјата, зашто ниеден канализационен систем, како и да е димензиониран, особено таа атмосферска канализација, не може да прими толку колку што природата може некогаш да истури и да создаде“, вели Павловска.
Таа потсетува дека архитектите и планерите многупати досега посочуваа дека урбанизацијата, градбите и организацијата на градот се од круцијално значење за неговата безбедност. Но, немало елементарен респект на нашите повици, за да не дојде до вакви работи, вели архитектката.
„Затоа тие интереси треба да бидат врвни, а не некој инвестиционен урбанизам, некоја трка за профит и пред сè многу, многу висока изграденост. Ние тоа го викаме коефициент. И оние научни параметри, високостручни параметри во урбанизмот не се случајни и мора строго да се почитуваат“, додава Павловска.
Таа вели дека не се почитуваат ниту системите со превентивни мерки воспоставени од минатото, кои треба да нè штитат или да го подобри квалитетот на нашето живеење.
Невремето уште една причина за партиски препукувања
Невремето што во вторникот зафати делови од Скопје поплави улици, подвозници, паркинзи, бутна дрвја и билборди, зароби луѓе во автомобили. Ден потоа градските служби интервенираат на терен да расчистат и да ги поправат штетите. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека имале околу 180 пријави, од кои најголемиот број се за поплавени објекти, потоа следат пријавите за паднати дрвја, оштетени возила и улици, кровови, проблеми со струја.