Возиме крш – просечната старост на автомобилите и автобусите се искачи на 19,5 години

По македонските патишта се вози крш од возила, чија што просечна возраст се зголемува од година во година. Нови загрижувачки податоци објави Државниот завод за статистика (ДЗС) за тоа каква била старосната возраст на возилата на крајот од 2021 година. Неславен рекорд на возниот парк е достигнат кај сите видови возила, но најзагрижувачка е состојбата кај регистрираните автомобили и автобуси, чија просечна старост лани се искачила на 19,5 години.

Во делот на автомобилите, просечната старост е зголемена минимално, во споредба со пресметаните 19,4 години во 2020 година. Сепак, загрижувачка е состојбата со автобускиот возен парк во Македонија. Во 2020 година просечната старост на автобусите изнесувала 18,2 години, односно за само една година старосната возраст на овие возила е зголемена за 1,3 години. И товарниот транспорт се соочува со идентичниот проблем, па така товарните возила што се движат по патиштата лани имале просечна возраст од 16,9 години, додека старосната возраст на влечните возила изнесува 13,3 години.

Статистичките податоци за годината на производство на возилата со регистарски таблички што сообраќаат во Македонија се исто така алармантни. Од речиси 550.000 возила што се регистрирани во земјава, дури 387.373 се произведени пред 2007 година, односно се постари од 14 години и со тоа имаат пониски ЕУРО стандарди на моторот во делот на испуштањето на штетни гасови во атмосферата. Притоа, по македонските улици се движат 350.000 автомобили, 1.801 автобуси и 22.537 камиони произведени пред 2007 година.

Наспроти ова, информациите на ДЗС се безмилосни во одност на новите возила. На 31 декември 2021 година, во земјава имало само 7.491 возило што било произведено истата година, односно било купено како ново. Притоа, како нови возила произведени во 2021 година имало 3.770 автомобили, 1.027 товарни возила и само 12 автобуси.

Голем е и бројот на возила што ги користат граѓаните и компаниите, а кои се произведени во периодот од 2008 до 2010 година – вкупно 76.221, од кои најголемиот дел се автомобили. Низ целата земја возила произведени во изминатава деценија, кои имаат мотори што ги задоволуваат ЕУРО 5 и ЕУРО 6 стандардите за емисии на издувни гасови се само 95.824 возила, односно скромни 17 отсто од вкупниот број на автомобили, автобуси, камиони, трактори, мотори и други моторни превозни средства што сообраќаат низ земјава.

„Чекајќи го Годо“ – нема абер за забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 мотори

И покрај апелите на експертите во врска со безбедноста на половните возила што се движат по патиштата и проблемот со аерозагадувањето во градовите, од македонската влада засега нема донесено одлука со која треба да се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови. Како од Владата на РСМ, така и од Министерството за економија летово за Мета.мк информираа дека македонската јавност ќе биде благовремено известена кога извршната власт ќе ја донесе ваквата забрана, заедно со датумот од кога истата би стапила на сила.

Инаку, помина повеќе од една и пол година откога министерот за економија Крешник Бектеши во јануари 2021 година вети дека ќе се воведе забрана за увоз на половни возила што се произведени во периодот пред 2011 година. Иако ваквото ветување беше речено дека ќе се спроведе во 2021 година, измина ланската година, при што спроведувањето на забраната се одложи за во 2022 година. Веќе поминаа и осум месеци од годинава, но македонската влада досега не ја донела одлуката за забрана за увоз на половни возила во земјава коишто се постари од 11 години.

Translate »