“Еден маж и една жена”- изложба на Емилија и Стојче Тоциновски во Mузеј-Галерија Кавадарци

Денес во 19 часот, во Локален Музеј -Галерија во Кавадарци под наслов  “Еден маж и една жена”- ќе биде отворена заедничката изложба на уметниците Емилија и Стојче Тоциновски. Наши реномирани академски сликари, сопружници, кои покрај тоа што заедно ги совладуваат сите животни предизвици, заедно и сликаат и создаваат интересни уметнички дела. 

Преку оваа 14-та самостојна заедничка изложба сакаме да го претставиме нашето сликарство пред љубителите на уметноста во Кавадарци. Првично потенцирајќи го заедништвото како сопружници и ликовни уметници кои сликаат заедно на исто платно и создаваат естетски свет со сопствен сликарски ракопис, покажувајќи го аспектот на креативноста. Инспирацијата и нашиот личен отпечаток е натурализмот како уметнички процес, пренесувајќи го исконското во нас, дрвјата и планините кои се личен отпечаток и ги имаме во сите уметнички дела” изјавија уметниците.

Од изложба на изложба ја разкажуваме нашата приказна. Животот не научи дека само преку дисциплина, посветеност и прецизност, надополнети со талент може да се создава. Времето во кое живееме влијае на сите нас од многу аспекти. Но дали тоа ќе влијае позитивно или негативно, зависи од самите нас. Кога кај уметниците постои отворен ум, постојано истражување и набљудување на околината, едукација, посета на галерии и студија тогаш не постојат никакви ограничувања. Никогаш не гледаме што не можеме, туку што можеме. Затоа и во нашите дела има многу позитивизам, топлина и пред се чувства.

Translate »