Блумберг Адрија: Колку ќе ве чини возило во 2023?

Во услови на криза, високи цени на храната, скапи горива, зголемени трошоци за кредитите, неизвесност за случувањата на работното место поради забавувањето на економската активност, вашето возило покажува знаци дека му треба замена.

Дали 2023 година е времето кога ќе треба да го замените за малку поново или можеби ќе треба да инвестирате во комплетно ново возило или, пак, ќе треба да почекате? Какви се очекувањата на продавачите? Што сметаат тие дека ќе се продава следната година? Што ви препорачуваат? Како ќе се движат цените?

„Блумберг Адрија“ разговараше со неколкумина продавачи на возила, и половни и нови. За сите е заеднички ставот дека кризата ќе продолжи во 2023 година и дека тоа носи неизвесност во нивната работа.

Дејан Ристовски од „Олимпија моторс“ вели дека се надеваат дека продажбата во 2023 година ќе биде подобра.

 

„Реалноста е многу неизвесна и зависи од геополитичките случувања, од економската активност, од каматните стапки. Сепак, се надеваме дека 2023-та ќе биде подобра од 2022 година. Во моментов се продаваат полуксузни возила. На пример, минатата недела продадовме ’ренџ ровер’, ’волво’ и ’БМВ’. Купуваат луѓето што имаат поголеми буџети. Преостанатите во моментов се воздржуваат од купување“.

За разлика од него, Крсте Ѓорѓиевски од „Автоплац Тикан“ за „Блумберг Адрија“ вели дека станува сè потешко.

„Луѓето сè помалку купуваат, затоа што веќе нема кеш, сè повеќе се оди кон замена на постаро за поново возило. Како што стојат работите во моментов, не гледам дека ќе се подобрат во 2023 година“.

Владимир Билбилов, генерален директор на „КИА моторс Македонија“, вели дека очекува 2023 година да биде подобра од оваа, затоа што сите проблеми со кои се соочуваа производители на автомобили полека се надминуваат.

 

„Сите недостатоци што се појавија во почетокот од пандемијата на коронавирусот и кои се однесуваа на снабдувањето со чипови и слични проблеми поради прекините во испораките, сега се нормализираат и затоа очекувам дека следната година ќе биде подобра што се однесува до понудата“, вели Билбилов.

Старо или ново возило?

Тој вели дека неизвесноста околу цените ќе продолжи и во 2023 година, со тенденција тие да одат нагоре, затоа што се такви прогнозите што доаѓаат од производителите на автомобили. Го прашавме Билбилов што би купил тој во вакви услови. Без двоумење се одлучи за „киа иксид“. Според податоците на веб-страницата на „Киа моторс“, таа чини меѓу 29.000 и 33.000 евра, во зависност од моторот и опремата.

Продавачите на половни возила велат дека следната година најголема побарувачка ќе има за возилата од средната класа. Според Ристовски, тоа ќе бидат возила произведени од  2017 година до 2019 година, со дизел-мотор, СУВ и средна класа.

Ѓорѓиевски, пак, смета дека во земјава никогаш не постоеле правила кога станува збор за продажбата на возила.  

„Она што јас го очекувам е дека и натаму повеќе ќе одат возилата од средната класа, кои чинат меѓу четири и шест илјади евра.  Тоа се возила како ’голф 5’ или ’голф 6’, ’опел астра’, ’форд фиеста’, со година на производство од 2007 или 2008. Од повисоката класа, би поминувале ’мерцедес’ од А и Б-класа, СУВ, ’пасат’, ’ауди А4’…“

 

Побаравме совет и за конкретен пример, ако некој поседува „опел корса“, со година на производство 2010-та, која е во добра состојба, дали да размислува за продажба и што може да добие за замена. Советот од двајцата е да не се продава, затоа што замената за тие пари нема да биде подобра. Оваа „корса“ од примерот, само со понов датум на производство (по 2017 година) веќе чини над 8.500 евра, а нова 17.000 евра.

Македонија не е подготвена за електрични возила

Дали во 2023 година светскиот тренд ќе ја зафати и Македонија во однос на електрификацијата на возниот парк? Нашите соговорници велат – тешко.

„Инфраструктурата во земјава во однос на можностите за полнење е очајна. Нашите партнери го гледаат тоа и сè уште немаме голема понуда за продажба на електрични возила. Во тој поглед, купувањето такви автомобили е неисплатливо, затоа што нивната цена е повисока, а земјава нема можности за нивно одржување“, вели Билбилов.

Слично е размислувањето и на Георгиевски: „Кај нас сè уште е рано да зборуваме за електрични возила, затоа што е реален проблемот со места за полнење. За хибридите, пак, скапо е одржувањето, батеријата застарува за пет-седум години, а чини околу 5.000 евра. Јас лично сè уште не би одел кон овие варијанти. Поради претходните причини и поради овој метеж во кој живее Скопје, сè уште сакам да го слушам моторот. Тоа е навика. Лично, за низ град би зел бензинец од средна класа. Скапо возило не е за низ град како Скопје“.

 Кога станува збор за исплатливоста на возилото, Ристовски вели дека сè зависи од потребите.

„На пример, на оние што возат повеќе, најмногу им се исплати возило со дизел-мотор. За градска употреба, најдобри се хибридните возила. За семејствата што имаат потреба од две возила, јас препорачувам едно електрично за низ град и еден дизел-автомобил од средна класа или СУВ чија цена се движи меѓу 18.000 и 24.000 евра“, вели тој.

Ги прашавме познавачите и какво возило да се купи за возач почетник. Ѓорѓиевски вели да не биде скапо и бесно. Според него, за децата има сосема солидни возила, со цена од околу  4.000 евра.

„Тоа треба да е возило со помала литража, градско, нормално да ја има неопходната заштита. Тоа би било мало возило, до средна класа како ’форд фиеста’ или ’пежо 208’, кое би чинело од 3.500 до 6.000 евра“.

Во земјава повеќе се возат половни возила

Податоците на Царинската управа за увоз на автомобили во текот на 2022 година, заклучно со ноември, покажуваат дека во земјава влегле вкупно 24.944 автомобили. Од нив, 18.042 се половни, преостанатите се нови.

https://e.infogram.com/_/ZfmksgfnMVGTIBqYyDGu?parent_url=https%3A%2F%2Fmk.bloombergadria.com%2Fbiznis%2Fkompanii%2F18078%2Fkolku-kje-ve-cini-vozilo-v-godina-vo-makedonija%2Fnews%2F&src=embed#async_embed

Translate »