Кавадарци го доби признанието за НајЕко општина во Македонија

Општина Кавадарци беше избрана како најеколошка општина во Македонија во традиционалниот конкурс кој секоја година го распишуваат Пакомак и Балкан Еко институт. Покрај Кавадарци како победник на конкурсот, со своите еколошки практики и резултати се истакнаа уште и Општина Илинден и Општина Прилеп, кои исто така ќе бидат наградени за нивните исклучителни резултати постигнати во текот на минатата година.


Оценувањето на општините пријавени за конкурсот „НајЕко општина“ беше спроведено земајќи предвид повеќе критериуми, меѓу кои: количината на собран селектиран отпад од пакување од домаќинствата, деловните субјекти и училиштата, број на нови контејнери за селекција на отпад поставени на јавните површини, висината на средства во општинскиот буџет предвидени за екологија во тек на 2021 година, бројот на реализирани еко-проекти и бројот на јавни кампањи спроведени од општината за подигање на свеста за екологијата. Во предвид беа земени резултатите постигнати до 31.12.2021.
Победничката општина Кавадарци, која особено се истакна со своите резултати во поглед на еколошката одговорност и грижата за животната средина, ќе биде наградена со детско игралиште направено од еко материјали.


Право на пријавување на конкурсот имаат сите општини во земјава, рурални и урбани. Пријавувањето секоја година се извршува преку пополнување на апликација за учество, која се објавува на веб-страната на Пакомак – www.pakomak.com.mk.
Конкурсот кој секоја година го распишуваат Пакомак и Балкан Еко институт има за цел да ги мотивира општините и локалните самоуправи активно да преземаат еколошки иницијативи и да се придржуваат кон еко практиките, а истовремено и да ги награди за нивната успешна работа. Наградите и донациите предвидени во овој конкурс се од колективна корист за заедницата и се наменети за обновување, модернизирање и збогатување на локалната инфраструктура.

Translate »