Отворена изложбата на ликовниот уметник Горан Боев во Вински музеј Кавадарци
Слики портрети, пејзажи и апстракција, во акрил и комбинирана техника, се дел од изложбата на академскиот ликовен уметник Горан Боев, која беше отворена во Вински музеј Кавадарци.
Во главно масла на платно создадени изминатиов период, кои ги карактеризира силна експресија и емоција, во кои уметникот експериментира со боите и концептите, за да создаде интензивни дела кои оставаат силен впечаток кај публиката.
Во дел од делата силно се наметнуваат вековните интереси на луѓето од овој регион, колоритот и етнографијата на повардарието, љубовта кон виното, природата, добрината и мекоста на луѓето од овој крај, и секако безвременската убавина на жените од Македонија.
Се‘ на овој свет брзо поминува, но убавината и безвременоста на ликовните дело на Боев ќе останат за вечноста! Како кавадарчани сме исклучително горди што имаме сограѓанин како Горан Боев, уметник кој со својата креативност, неуморна творба создава дела кои имаат светска вредност, истакнаа од општина Кавадарци кои се и организатори на оваа изложба.
Автентичната оригинална уметност претставува културно богатство на еден народ. Такви се и делата на Боев, во нив се чувствува енергијата и топлината на македонскиот народ, човечноста на нашите луѓе и убавината на нашите предели, на нивната безгрижност, емпатија и оптимизам. Токму оптимизмот, природноста и спонтаноста на неговите дела будат ново искуство кај секого кој ќе се сретне со неговите уметнички дела.
Боев, вели дека уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност, оставајќи му простор на рецепиентот самиот да ја дешифрира идејата, ја поттикнува неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, притоа создавајќи мистичност, што придонесува кон уште поголема привлечност и взаемен флуид.