Вознемирувачко откритие на научниците на Гренланд: Човештвото е во голема опасност

Неодамна откриен примерок од мраз, земен од под ледената покривка на Гренланд пред неколку децении, откри дека голем дел од островот бил без мраз пред околу 400.000 години, кога температурите биле слични на оние на кои планетата се приближува денес, покажа новото истражување.

Ова е алармантно откритие што значи дека би можеле да бидеме сведоци на катастрофално зголемување на нивото на океаните и морињата во блиска иднина, пренесува „Си-ен-ен“ (Cnn).

Ова истражување, предводено од Пол Бирман, научник од Универзитетот во Вермонт, ги демантираше претходно валидните претпоставки дека поголемиот дел од Гренланд бил покриен со мраз милиони години. Сега е познато дека умереното, природно затоплување доведе до големо топење на мразот и зголемување на нивото на океаните и морето за 1,4 метри. Деталите од ова истражување беа објавени во четвртокот во списанието „Саенс“ (Science).

– Кога набљудувате што направила природата во минатото, за нас научниците кои ја проучуваме Земјата, тоа е најдобар показател за иднината – изјави Бирман за „Си-Ен-Ен“ и нагласи дека она што го покажува оваа студија е „застрашувачко“.

Нивоата на јаглерод диоксид во атмосферата сега се 1,5 пати повисоки отколку пред 400.000 години, а глобалните температури продолжуваат да растат. Ако ледената покривка на Гренланд претрпи нагло опаѓање за време на период на умерено затоплување, таа би можела да биде многу почувствителна на климатските промени предизвикани од човекот отколку што се мислеше, и склона кон неповратно, брзо топење во вековите што следат, велат авторите на студијата во соопштението.

Ако ледената покривка на Гренланд целосно се стопи, нивото на морето ќе се зголеми за околу 7 метри, што би претставувало катастрофа за милијарди луѓе кои живеат покрај бреговите на морињата и океаните.

За да го завршат истражувањето, Бирман и меѓународен тим на научници поминале години анализирајќи го замрзнатиот талог од леденото јадро ископано во 1966 година во Камп Сентури, американска воена база во северозападниот дел на Гренланд. Овде, научниците пробиле повеќе од 1,5 километри мраз за да извлечат примерок од почва и карпи висок 4 метри од под ледената покривка.

Во тоа време, немаше технологија за целосно разбирање на овој талог, и тој се чуваше во замрзнувач со децении. Потоа, во 2017 година беше „повторно откриен“ во Данска.

Бирман отиде во Копенхаген и со себе донесе два примероци од седимент назад во Вермонт. Кога научниците почнале да одвојуваат делови од седиментот, биле изненадени кога забележале гранчиња, мов, лисја и семиња.

– Овде имаме фосилизиран замрзнат екосистем. А тоа значи, се разбира, дека тогаш ледената покривка не постоела, бидејќи растенијата не можат да растат под километар и половина мраз – изјави Бирман за Си-Ен-Ен.

Научниците морале да откријат пред колку време живееле овие растенија и пресметале дека седиментот бил депониран во средина без мраз пред околу 416.000 години.

– Ова е навистина првиот непобитен доказ дека најголемиот дел од ледената покривка на Гренланд исчезнала кога температурата се зголемила. Минатото на Гренланд, зачувано во 4 метри замрзната почва, навестува топла, влажна иднина на планетата Земја, иднина без мраз – изјави Бирман.

Освен што придонесува за зголемување на нивото на океаните и морињата, губењето на мразот го забрзува и глобалното затоплување, бидејќи белиот мраз, кој ја рефлектира сончевата енергија од површината на Земјата, се заменува со потемни карпи и вегетација, кои ја апсорбираат сончевата енергија.

Ако светот не преземе радикални мерки за да го намали нивото на загадување што ја загрева планетата и не направи ништо за да го отстрани загадувањето со јаглерод што е веќе во атмосферата, „ние ја осудуваме ледената покривка на Гренланд и многу брзо ќе следи голем пораст на нивото на океаните и морето“, вели Бирман.

– Ние геолозите обично не се возбудуваме премногу за она што го откриваме. Но, ова е многу вознемирувачко – предупредува тој.

Извор Плус инфо

Translate »