Уличните продавачи ќе можат да продаваат кафе, пуканки, крофни на 14 локации во Центар

Општина Центар доделува 14 атрактивни локации за поставување подвижни објекти за продажба на сладолед, безалкохолни пијалоци, крофни, шеќерна волна, палачинки и др. Јавниот повик е во тек. За условите под кои може да се пријавите за овие локации разговаравме со советничката во Општина Центар Адријана Зимбовска.
„Наша цел е да им понудиме нешто повеќе на граѓаните кои живеат, работат или циркулираат во општината. Да создадеме амбиент за дружба на отворено, кафе муабет и уживање во ситните гастрономски задоволства по теркот на европските метрополи. Но, во исто време, со овој проект, го поттикнуваме микро-претпримништвото“, вели Зимбовска за Радар.мк.

НА ШТО ТОЧНО СЕ ОДНЕСУВА ЈАВНИОТ ПОВИК И КОЈА Е ЦЕЛТА?
Предмет на Јавниот повик е доделување локации за поставување на подвижни објекти и апарати на подрачјето на Центар. Всушност, нашата цел е да ја збогатиме понудата на Општината, да го заживееме јавниот простор и да го поттикнеме малото претприемништво.
КОЛКУ ЛОКАЦИИ СЕ ПРЕДВИДЕНИ И КАДЕ СЕ НАОЃААТ?
Подвижните апарати ќе може да се поставуваат на 14 локации и тоа се атрактивни и фрекфентни места во Центар. На Сквер Јадран, пред Македонска опера и балет, Паркот на Франкофонија, кај Порта Македонија, кај Паркот жена борец, ГТЦ, пред административната зграда на Општината и кај Рекорд. Целосната листа на сите локации со координати, заинтересираните може да ја најдат на нашата веб-страница.
ЗА КАКОВ ТИП НА ОБЈЕКТИ СТАНУВА ЗБОР И СО КАКОВ ИЗГЛЕД?
Станува збор за специјализирани возила за улична продажба. Нивната должина треба да биде на 4 метри, висината до 3 метри и треба да бидат поставени на површина до 16 квадратни метри, во што влегува: подвижниот објект, подвижниот апарат или друга направа, манипулативниот простор и урбаната опрема (канта за отпадоци).
КОИ КРИТЕРИУМИ, ВО ОДНОС НА ИЗГЛЕДОТ, ТРЕБА ДА ГИ ЗАДОВОЛАТ ОБЈЕКТИТЕ ШТО ЌЕ БИДАТ ПОСТАВЕНИ?
Подвижните објекти и апарати и другите направи треба да имаат дизајн и изглед што нема да го нарушува амбиентот на околината каде што ќе бидат поставени.
Возилата треба да бидат еколошки, односно треба да користат агрегат со струја со ниска бучавост и да поседуваат сертификат за ниска емисија на штетни гасови. Исто така, подвижните објекти и апарати не смеат да содржат озвучување или аудио системи за пуштање на музика.
ДАЛИ Е ОДРЕДЕНА НАМЕНАТА НА ОБЈЕКТИТЕ?
Да. Нивната намена ќе биде давање на угостителски услуги за граѓаните и во нив ќе се продаваат разни јадења, закуски, безалкохолни пијалоци и топли напивки, сладолед, палачинки, крофни и друго.
Како Општина Центар, искрено се надеваме дека понудата ќе биде разновидна, но тоа секако ќе зависи од сопствениците на објектите и на заинтересираните кандидати што ќе се пријават на Јавниот повик.
ЌЕ ИМА ЛИ КОНТРОЛА НА НИВНАТА РАБОТА?
Секако дека ќе има контрола, тие ќе бидат дел од инспекциските служби на Општина Центар и инспектрорите ќе постапуваат согласно законските норми.
КОИ СЕ УСЛОВИТЕ ЗА УЧЕСТВО НА ПОВИКОТ И КОЈ СЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ?
Барателите треба да имат регистрирано дејност во Централниот регистар и се должни меѓу другото да поднесат потврда за исполнети технички услови за вршење на дејноста, опис и фотографија на подвижниот објект што ќе го користат и уплатница од 1.000.00 денари на сметка на Општина Центар. За поднесените барања ќе важи принципот „прв дојден – прв услужен“. Дополнително, откако ќе биде избран корисникот, треба да достави Решение за регистрација на мобилен објект издадено од Агенција за храна и ветеринарство.
ДО КОГА Е РОКОТ ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ БАРАЊА И КАДЕ СЕ ПОДНЕСУВААТ?
Рокот е 30 дена од објавување на Јавниот повик на интернет страницата на Општина Центар, а го објавивме на 14 февруари. Сите заинтересирани можат да ги достават своите барања во Архивата на Општина Центар, секој работен ден од 9 до 15 часот.
ЗА КОЛКАВ ПЕРИОД ЌЕ ИМ ВАЖИ ДОГОВОРОТ?
Субјектите што ќе добијат одобрение за поставување на објектите, ќе склучат договор на една година со Паркинзи на Општина Центар.
Сите што се заинтересирани можат да се инфомираат на нашата веб-страница каде ќе ги најдат потребните формулари и сите детали за повикот. Повеќе на https://www.centar.gov.mk/?p=19933

Translate »