Летово три силни тениски турнири во Скопје – Вечер
Во текот на ова лето, Скопје ќе биде во знакот на професионалниот тенис. Над 100-на професионални тенисери од целиот свет ќе учествуваат на три интернационални ИТФ тениски натпревари, кои ќе се одржат во нашиот главен град, а во организација на Тениската Федерација на Македонија.
Првиот во низата професионални турнири за мажи со награден фонд од 25.000 американски долари ќе се одржи во периодот од 6-12 јуни под наслов ITF MEN’S WORLD TENNIS TOURS M25 – Skopje, а по него и турнирот со награден фонд од 15.000 американски долари во период од 13-19 јуни, исто така во машка конкуренција.
Во периодот од 4-10 јули ќе се одржи и Светското екипно првенство за жени (Billie Jean King Cup), за регионот Европа и Африка, група 3. Натпреварите ќе се одржуваат на терените на Тенискиот Клуб “Југ“ во Скопје, а ќе се пренесуваат онлајн, додека полуфиналните и финалните натпревари ќе се емитуваат на МРТ 3.