Дојче Телеком со возбудливи иновации на Светскиот конгрес за мобилна технологија во Барселона

Паметниот телефон со вештачка интелигенција автоматски ги врши здодевните работи на барање. Рутерот во иднина може да биде практичен робот или елоквентен холограм. Мрежата на ДТ станува врвен заштитник на уредите поврзани со неа.

Дојче Телеком, како еден од водечките телекомуникациски оператори во светот, го претстави своето напредно портфолио на технолошки иновации на Светскиот конгрес за мобилна технологија (MWC) во Барселона. Новитетите вклучуваат високо-технолошки решенија за комуникација со помош на вештачка интелигенција, заштита на мрежата и напредни услуги за телевизиски продукции во живо, на тој начин потврдувајќи го ангажманот на компанијата на полето на иновациите и технолошкиот развој.

Во согласност со глобалните технолошки трендови, ДТ ги претстави своите иновции од областа на вештачката интелигенција (ВИ). Апликациите и услугите засновани на ВИ се разработени со цел да го подобрат и збогатат секојдневниот живот на корисниците. Посетителите на MWC имаа можност да ги искусат револуционерните концепти, како што е “Magenta AI” – решението на ДТ за интеграција на ВИ во секојдневните уреди и услуги.

Клаудија Немат, член на Одборот за технологија и иновации во ДТ, истакна: „Вештачката интелигенција е неизбежен дел од нашиот дигитален свет и нејзината континуирана имплементација е од суштинско значење за развојот на телекомуникациската индустрија. Нашата ангажираност во иновациите е водечка сила којашто не само што ги збогатува животите на нашите корисници, туку и ја обликува и нивната иднина“.

ВИ за што повеќе луѓе – нова генерација паметни телефони

Во оваа насока, во Барселона беше претставен концептот за генерацијата на паметни телефони со вештачка интелигенција. Овие прототипови овозможуваат автоматско извршување задачи и претставуваат нов начин на користење на телефоните. Впрочем, концептот создава ново сценарио за користење на паметните телефони со вграден асистент базиран на вештачка интелигенција којшто чека говорни инструкции од своите корисници, на пример, за да го пронајде автобусот до аеродромот, за да пронајде лет за поврзување, за да резервира превоз до хотелот и соба со поглед на морето. Во моментов, за сите овие задачи е потребно трпение, време и низа апликации или интернет прелистувач.

ДТ, заедно со партнерите Qualcomm и Brain.ai, работи на развојот на овие уреди, при што се развиваат два концепта со различни пристапи за интеграција на вештачката интелигенција во уредите. Еволуцијата на T Phone се базира на моќта на вештачката интелигенција од „облак“ и виртуелно ги пренесува компјутерските операции што трошат многу енергија кај надворешни изведувачи. Пристапот на Qualcomm фаворизира кратки патеки и затоа ја вградува вештачката интелигенција директно на уредот. Со ова се заштедуваат напор и време за пренос на податоците, а може да функционира дури и офлајн. Секое решение има индивидуални силни страни. Тековната фаза на тестирање ќе покаже како овие силни страни ќе се развиваат и применуваат во разни ситуации.

Рутер од иднината

Исто така, на овој глобален настан, Дојче Телеком ја претстави и најновата иновација – рутер-роботот XXL, којшто е дизајниран да го промени начинот на којшто се користи и управува интернет мрежата во домовите. За таа цел, компанијата донесе три студии на дизајн во Барселона, чијашто серија е насловена „Концепт Т“. Од аватар-асистент во форма на холограм до верзија на рутер во форма на робот, рутерот од иднината, спакуван со високо-технолошки функции и мултифункционален дизајн којшто може да биде дури и декоративен елемент во домот, претставува нешто невидено досега. Со способноста да ги препознае потребите во домаќинството и да обезбеди удобност и безбедност, рутер-роботот XXL е вистински пионер во својата класа. Доволно е да се прошета низ домот на корисникот за да се види што сѐ тој може да направи. Благодарение на неговиот „зелен палец“, тој, на пример, ќе извести доколку неговиот сензор забележал дека на домашните растенија им е потребно наводнување.

Заштита со „Magenta Security on Net“

Дојче Телеком го насочува своето внимание кон безбедноста на мрежата со претставување на „Magenta Security on Net” – новиот напреден производ којшто претставува револуционерно решение за заштита на корисничките уреди во рамките на мрежата. Оваа иновативна безбедносна услуга е дизајнирана да обезбеди високо ниво на заштита, исклучиво од мрежата на Дојче Телеком, без потреба од дополнителен софтвер или комплицирани конфигурации. Од 2025 година, Дојче Телеком ќе гарантира заштита на секој уред со SIM-картичка во нивната мрежа, вклучувајќи паметни телефони, автомобили, лифтови и турбини на ветер. Во зависност од барањата на индустријата и на деловните корисници, оваа основна заштита може да се зајакнува на повеќе нивоа. Ова овозможува непречена транзиција од корпоративната мрежа кон мобилната мрежа на Дојче Телеком без да мора да се менуваат поединечните стандарди и безбедносни упатства. Со оваа иновација се подигнува техничкото ниво на безбедност на компанијата.

Идеални услови за ТВ продукции во живо

Дополнително, компанијата ги претстави и новите технологии и услуги за ТВ продукција во живо, овозможувајќи ултра-брзи и стабилни преноси преку 5G мрежата. Во соработка со своjот партнер „Сони“, ДТ ја демонстрираше својата способност да го унапреди видео преносот, отворајќи нови можности за креативност и иновации во областа на медиумската продукција.

Имено, преку успешни тестови, овие технолошки гиганти го демонстрираа поврзувањето на VideoIPath платформата на Невион преку интерфејсите за програмирање апликации (API). Стандардизираните мрежни API-и од CAMARA проектот овозможуваат оптимизирани времиња на одговор со стабилен пропусен опсег.

Платформата VideoIPath на Невион игра клучна улога во поврзувањето различни медиуми и е особено зависна од квалитетот на мрежата во реално време. Со 5G технологијата којашто е флексибилна, широко достапна и економична, компаниите за видео продукција добиваат совршено решение за пренос на содржина.

5G станува независна

Со успешни тестови и иновативни пристапи, Дојче Телеком продолжува со напорите во насока на пренос на настани во живо. Во есента 2023 година, заедно со RTL, компанијата најави комерцијално воведување 5G видео продукции во живо преку технологија за поделба на 5G мрежата на повеќе независни виртуелни мрежи. Оваа иновација бара технички напредни мрежи со екосистем којшто ги поддржува карактеристиките на 5G мрежата, а мрежата на Дојче Телеком е технички подготвена за функционирањето на самостојна 5G мрежа веќе од декември 2021 година. Со последователните фази на развој, се очекува дека 5G мрежата ќе биде во потполност независна од 4G во основната мрежа. Сите корисници ќе можат да ја користат во втората половина на 2024 година.

Мал столб голема работа – преносна базна станица

Напредната мобилна технологија сега е со значително поголем капацитет. Новата генерација на ултра-мобилни преносни базни станици е поголема и пофлексибилна од претходните верзии бидејќи може да работи со дополнителни фреквенции. Овие иновативни уреди работат на различни фреквенции, вклучувајќи ги и новите 5G опсези, што значи подобра покриеност и квалитет на мобилната мрежа. Извршните функции на овие базни станици, заедно со нивната ефикасност и употребливост, ги прават незаменливи во областите како кампус мрежи, мрежи во областите погодени од катастрофи и за настани од типот на големи спортски случувања.

Со својот ангажман на полето на иновациите, Дојче Телеком продолжува да го потврдува своето место како еден од главните иноватори во телекомуникациската индустрија. Со стратегиски ангажман кон континуиран раст и напредок, компанијата преминува преку границите на сегашните технологии и го креира идниот стандард за дигиталната комуникација и безбедност.

Повеќе информации за поединечните теми можете да најдете на www.telekom.com/mwc-special.

Translate »