Виталиа и оваа година партнер на Танц Фест Скопје 2024
Во текот на изминатиот месец во Скопје се одржа 20-тото издание на фестивалот посветен на современиот танц, Танц Фест 2024. И оваа година Виталиа реши да го поддржи фестивалот и со тоа да ја продолжи низата од 11 години партнерство и поддршка на домашната танц сцена. На овој начин Виталиа го поттикнува развојот на локалната уметничка сцена и поставува позитивен пример за поддржка и враќање кон заедницата.
„Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“ е мотото под кое се одржува Танц Фест 2024 и кое ја празнува, не само долговечноста на фестивалот, туку и македонските креатори, артисти и кореографи кои неуморно ги негуваат високите стандарди кои ги поставува секое ново издание.
„Цели 20 години Танц Фест го промовира современиот танц пред македонската публика, обединувајќи ја моќта на уметничкото изразување со незадржливата човечка емоција. Негувањето на традициите бара напорна работа, посветеност и голема упорност, која пак, за нас претставува потврда дека Виталиа дава поддршка на вистинските луѓе кои се грижат за вистински важните работи. Виталиа и оваа, 11-та година по ред реши да го поддржи фестивалот кој неуморно ја слави културата и танцувачката уметност – традиција која ќе продолжи и во иднина“, изјавија од Компанијата.
Танц Фест 2024 започна на 11 април со изведбата на „Госпоѓиците од Авињон“ на кореографката Олга Панго, со музика од Калиопи Букле, што претставуваше и отворање на програмата „Паралели“ која ја означува соработката на фестивалот и Националната опера и балет и опфаќа три современи кореографии на домашни автори. Како дел од програмата „Паралели“ беа изведени претставата „Сага“ на кореографката Рисима Рисимкин, со музика на Тони Китановски, сценографија на Матеа Мијановиќ и костуми на Благој Мицевски, како и балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, кој е инспириран од циклусот поезија со истоимен наслов од поетот Ацо Шопов.
Изминатиот петок, љубителите на современиот танц уживаа во Претставата МОЗАИК, која на светската кореографска ѕвезда и официјален кореограф на претстојните летни олимписки игри во Париз, Франција, Мурад Мерзуки, донесува пресек на неговите најдобри остварувања. Публиката беше сведок на виртуозноста на изведувачите и кореографско и режиско мајсторство на Мурад, со оваа извонредна танцова компанија, која е актуелна на сцените низ светот.