Тони Стојановски: НЛБ Банка Скопје одбележува 40 години постоење
Во изминативе четири децении, Банката доживеа извонреден напредок. Она што во далечната 1985 година започна како мала финансиска организација, благодарение на претприемачкиот дух, на почитта и на посветеноста кон клиентите и придонесот кон заедницата прерасна во системски значајна банка и еден од столбовите на македонскиот финансиски систем. Денес, со актива од 2,3 милијарди евра и кредитно портфолио од 1,5 милијарди евра, НЛБ Банка Скопје е една од трите водечки банки во македонскиот банкарски сектор, која поставува стандарди во дигиталното банкарство, во корпоративното управување и во одржливото финансирање. Сето ова нè прави особено горди, но уште повеќе нè радува довербата која ни ја даваат клиентите.
Покажавме лидерство со воведување современи дигитални услуги, како и со имплементирање на системски пристап за поддршка на малите и на средните претпријатија. Дополнително, преку финансирање на многубројни инфраструктурни и корпоративни проекти, како и преку активна соработка со граѓаните и со заедницата, НЛБ Банка Скопје стана значаен фактор на економски развој и институција со силен придонес во благосостојбата на граѓаните и на македонската економија.
Банката и секој нејзин вработен се горди на минатото и задоволни од достигнувањата што го обликуваа угледот на организацијата, гледајќи ги како доказ за нивната посветеност и напорна работа. Но, истовремено, остануваат силно фокусирани на иднината, подготвени за унапредување на услугите, прифаќање на новите технологии и прилагодување на еволуирачките потреби на клиентите.
Да се биде дел од НЛБ Групацијата значи да се биде дел од успешната приказна на најголемата банкарска и финансиска групација со седиште и со ексклузивен интерес во нашиов регион. НЛБ е групација со јасна визија и со перспективи за иднината, која во вистинска смисла на зборот ги разбира навиките и потребите на нејзините 3 милиони активни клиенти, како и потребите на нашите општества.
Со својата широка палета на финансиски производи и услуги, Групацијата е присутна на седум пазари во регионот на Југоисточна Европа. Таа го зборува нашиот јазик, ги разбира нашата историја и култура и е искрено посветена на развојот и на интеграцијата на нашиот матичен регион. И оваа посветеност не е само стратешка, туку длабока и долгорочна.
Јасен пример за ова беше воведувањето на Епл пеј (Apple Pay) за клиентите низ Југоисточна Европа, овозможено благодарение на проактивните напори на НЛБ Групацијата и на регионалното лидерство. На почетокот на октомври, НЛБ Банка Скопјe се приклучи кон СЕПА на најраниот можен датум со што уште еднаш се потврди посветеноста на Групацијата на регионалната интеграција и на модернизацијата.
Тоа што сме дел од една ваква финансиска групација ни овозможува да имаме уникатна и висококонкурентна позиција на нашиот пазар, стабилност, знаење, иновации и, пред сè, јасна визија за иднината.
Што се однесува, пак, до резултатите, НЛБ Групацијата е исклучително успешна. По завршениот процес на реструктурирање кон крајот на претходната декада, таа континуирано бележи силен раст и развој, достигнувајќи вкупна актива на консолидирана основа од 30 милијарди еврa и нето-добивка од 406 милиони евра за првите 9 месеци од 2025 година.
дел од интервју објавено во Економија и Бизнис

