Разорен земјотрес,загинаа најмалку 214 лица
Во земјотресот со јачина од 7,3 степени што го потресе северниот пограничен регион меѓу Иран и Ирак, досега загинаа најмалку 214 лица, а повредени се повеќе од 2,800 лица.
Една иранска агенција за помош соопшти дека на 70.000 луѓе им е потребно засолниште по земјотресот, кој е еден од најголемите оваа година.
Повеќето од оние кои загинаа беа во западниот дел на Иранската провинција Керманшах, објавија официјални лица за државните медиуми.
Иранската новинска агенција Исна повикувајќи се на официјални претставници на здравствените служби објави дека се повредени 2.500 лица.
Повеќето од жртвите се од градот Сарпол-е Захаб, околу 15 километри од границата, изјави началникот на иранската служба за итни случаи, Пир Хосеин Куливанд, за иранскиот државен телевизиски канал ИРИНН.
Главната болница во градот е сериозно оштетена, поради што и лекувањето на стотиците повредени е отежнато, објави државната телевизија.
Многу домови во оваа планинска област се направени од тули и не можат да издржат силни потреси како оној вчера.
Штета претрпеа уште најмалку осум села, изјави за каналот шефот на Иранската организација Црвена полумесечина, Мортеза Салим.
Во некои од нив во прекин е електричната енергија и телекомуникациите.
Најголем проблем за спасувачките екипи е лизгањето на земјиштето.
Земјотресот се случи во 21:18 по локално време (18:18 СЕТ) околу 30 километри југозападно од Халабџа, во близина на североисточната граница со Иран, објави Американскиот центар за геолошко истражување.
Тој бил на длабочина од 23,2 км, што се смета за релативно плиток, а бил почувствуван во Турција, Израел и Кувајт. Иран се наоѓа на трустно подрачје и често е подложен на земјотреси.