Поранешниот заменик-министер не се појави на судењето за набавката на 3оо возила
Рочиштето за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Триста“ е одложено за 21 ноември, поради отсуство на обвинетиот Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер за внатрешни работи.
Адвокатите на Поповски до Судот доставија медицинска документација дека е на боледување, а според која му е препорачано да мирува.
Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи денеска побара вештак да утврди дали со таа дијагноза Поповски не може да се појави на судското рочиште. Според Фетаи, обвинетиот е лимитиран во одење и седење, но не и, како што кажа, во зборување.
Поповски е обвинет за злоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила и се сомничи дека го оштетил буџетот за 453.570 евра.
Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.
Во предметот „Триста“ според одлуката на Апелацискиот суд прислушуваните разговори меже да се користат како доказен материјал.