Жената на Мугабе се бори за власт во Зимбабве

Демонстрацијата на моќ на првата дама на Зимбабве стана јасна уште во текот на годишниот партиски конгрес, кога таа во својот говор го најави новото партиско обележје  – шолја за чај, стилизирана во географската форма на државата.

„Сите пиеме од шолји за чај“, истакна Грејс Мугабе, првата дама на Зимбабве, нагласувајќи дека самата го креирала дизајнот на амблемот.

Следното утро во Масвинг, гратче на југот од Зимбабве, каде неодамна беше одржан конгресот на ЗАНУ-ПФ, владејачката партија на претседателот Роберт Мугабе, речиси сите функционери носеле облека украсена со мотивите од шолјата за чај на Грејс. Самата таа – позната по своите прекуокеански шопинг-тури додека пред две години активно не се вклучи во политиката – се промовира како еден од главните актери во борбата за наследување на Мугабе, што трае веќе неколку години во оваа афиканска земја.

За многумина, таа е вистинска моќ под сенка, посветена на идејата со своја лична поддршка да го одржи својот сопруг на власт сè до неговата смрт. Неодамна, на симпатизерите им кажала дека таа „веќе е претседател“ затоа што учестувува во сите активности на својот сопруг.

На бината на партискиот конгрес, Грејс седела до сопругот Роберт, кој со своите 93 години, ги преспал повеќето обраќања. Роберт Мугабе, еден од најстарите шефови на држави во светот и единствениот лидер на Зимбабве од стекнувањето независност во 1980 година, е избран за кандидат за претседател од својата партија за претседателските избори кои треба да се одржат во 2018 година.

Мугабе сè повеќе зависи од својата сопруга која има 51 година. Но, дали нејзината моќ ќе го надживее нејзиниот сопруг, сè уште е неизвесно. Соопштено е дека госпоѓа Мугабе е на чело на една од двете спротивставени фракции во рамките на ЗАНУ-ПФ, но дали таа навистина е лидер или само играчка во рацете на некои политичари, останува да се види.

Според податоците кои ги објави „Викиликс“, семејството Мугабе има една милијарда долари инвестирани надвор од државата.

Роберт и Грејс ја започнале својата врска кога таа се вработила во секретаријатот, а неговата прва сопруга била на смртна постела. Според зборовите на познавачите на приликите, бракот со Грејс од корен го променил Роберт. „Мугабе се промени, и тоа драматично“ , истакнала Маргарет Донго, некогашна фунционерка на ЗАНУ-ПФ, сега опозиционерка,  додавајќи дека пред бракот со Грејс, него никогаш не го интересирале парите. „Но Грејс знаеше дека е време да се заработи. Што и да правеше, водеше сметка да профитира од тоа“.

На потенцијалните политички ривали им се заканувала безмилосно. Од партијата ја исфрлила и потпретседателката и воена хероина – Џојс Муџуру, обвинувајќи ја за предавство, вештерство и носење кратки здолништа.

На својот 92-ри роденден, Роберт Мугабе соопштил дека го благословува влезот на својата сопруга во политиката. „Ова се опасни води, но таа е опасен пливач“, истакнал тој.

 

Во меѓувреме, во Зимбабве се случи пуч. Владачката партија ЗАНУ-ПФ на „Твитер“ објави дека Роберт Мугабе е сменет од позицијата претседател, додека Емерсон Мнангагва, поранешниот 75-годишен  потпретседател на државата,кој бил сменет заради „нелојалност“ по предлог на Грејс,  е поставен за в.д. претседател на Зимбабве. Оваа смена се толкува како превентива против преземањето на власта од страна на Грејс Мугабе.

Војската на Зимбабве утринава соопшти дека ги држи во куќен притвор Роберт Мугабе и неговата 40 години помлада сопруга. Се појавија и шпекулации, кои се повикуваат на извор во безбедносните структури на државата, дека Роберт Мугабе во разговор со воените функционери, искажал подготвеност да се откаже од функцијата во замена за ослободување на неговата сопруга и дозвола таа да ја напушти земјата.

Translate »