Нови министри до крајот на месецот

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на синоќешната седницата на Централниот одбор на партијата, изразил очекување дека до крајот на овој месец ќе се донесат одлуките за кадровските решенија и за пополнување на местата што се испразнија по локалните избори.

Заев вчера, по потпишувањето на договорите за поддршка на млади земјоделци изјави дека до крајот на ноември најверојатно ќе се знаат новите министри за здравство и за странски инвестиции.

Премиерот, како што стои во соопштението од СДСМ, синоќа го информирал Централниот одбор на партијата за политичките разговори со дел од коалициските партнери по ова прашање.

На седницата владејачката партија го усвоила извештајот за локалните избори што се одржаа во октомври, поднесен од Централниот изборен штаб.

„Во наредниот период ќе го вградиме целокупниот легитимитет добиен од граѓаните на последните избори во придвижување на економските и реформските процеси, за граѓаните да имаат повеќе пари и повисок животен стандард. Покажавме дека сме успешни во надворешната политика, а тоа ќе го покажеме и на внатрешен план преку реализација на програмата што носи живот за сите. Чесниот и домаќински пристап ќе продолжи и на локално ниво“, порачал Заев, стои во соопштението.

Централниот одбор на партијата донел одлука и за распишување на внатрепартиски избори на органите и носителите на функции во општинските организации на СДСМ и на градската организација на СДСМ – Скопје.

„Согласно роковникот, постапката за избор на органите и носителите на функции во општинските организации на СДСМ и градска организација – Скопје започнува на 27 ноември, а завршува пред крајот на 2017 година“, велат од партијата.

Членовите на ЦО на СДСМ дискутирале и за актуелната политичка состојба во Македонија и за темпото на спроведување на реформите.

Мета.мк

Translate »