Уште еден призна вина за ,,шамарите,, во Општина Центар
Пред крајот на денешното рочиште за случајот „Насилство во Општина Центар“ за кое и обвинетите и одбраната се согласија да се одложи, петтообвинетиот Јордан Ристовски призна вина, јавува репортерката на НОВА, Александра Денковска.
„Изминатава недела јас ги согледав причините за кои сум обвинет и сакам да кажам дека чувствувм вина и дека се каам за делото“, рече Ристовски.
Неговиот адвокат, Боро Тасевски рече дека повеќе не може да му биде адвокат, бидејќи има други клиенти со спротивни ставови.
По ова, обвинителката Фатиме Фетаи потенцираше дека исполнети се сите услови за да се раздвои постапката за овој обвинет.
Претходно еден од обвинетите и одбраната побараа одложување на рочиштето поради отсуство на еден од адвокатите на одбраната, а со барањето се сложија и обвинителите од СЈО.
„СЈО секогаш ги почитувало правата на обвинетите и затоа сметаме дека е во ред да се одложи ова рочиште. Но сакаме да кажеме дека ова е последно одлагање што ќе го одобриме затоа што веќе однапред се доделени термините. Адвокатот Дончо Наков уште на претходното рочиште кажа дека е зафатен и како доказ достави авионски карти до Кина. За во иднина ќе замолам исто така и онвинетите да ги почитуваат другите странки во постапката, како и кон судот. Обвинетиот Даниел Трифуновски доцнеше 17 минути, а Никола Груевски доцнеше 19 минути и 35 секунди. Ќе замолам ако ова се повтори да сепреземат процесни мерки за спроведување на обвинетите. Ако можам да забележам дека тие не се ни извинија за доцнењето”, рече обвинителката Фатиме Фетаи.
Груевски по излегувањето од судот рече дека не се чувствува виновен и обвини за протекционизам во судството.
– Судот, за случаите во кои се обвинети членови на ВМРО-ДПМНЕ, рочиштата ги закажува на два-три дена, со набиена агенда, додека случаите за кои е обвинет Зоран Заев се чека со месеци, што укажува на протекционизам – рече Груевски.
Рочиштето за Ристовски како одвоена постапка ќе продолжи денеска.
Во овој случај првообвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 лица.
Претходно Томислав Лазараов кој беше обвинет за дело – насилство во случајот со нарачаните шамари во општина Центар, откако призна вина, му беше определена алтернативна мерка – шест месеци условна казна ако во рок од две години не стори кривично дело.
Фото:DW