Британската амбасада во Македонија оцени дека насилствата во Собранието од 27 април годинава мора да се истражат и да имаат судска разврска.

– Настаните во Парламентот на 27 април беа насилни и заслужуваат детална истрага, со последователни постапки низ судски процеси доколку е потребно. Важно е да се почитуваат институционалните процедури и соодветните правни постапки со максимална транспарентност за да биде јасно за сите дека законот се применува непристрасно – соопштија од британската амбасада за „Мета“, коментирајќи ги приведувањата на 36 лица, меѓу кои и шест пратеници, за нападот на Собранието.

Сите 36 лица се товарат за загрозување на уставниот поредок и на безбедноста. Судот на дел од приведените им одреди 30-дневен притвор, а на дел куќен притвор.

Меѓу лицата што завчера ги приведе полицијата се и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски.

Мета.мк