Во Тетово пронајдена илегална лабораторија за производство на дрога
Во голема полициска акција во Скопје и во Тетово откриени се лаборатории за неовластено производство на синтетички дрoги и се запленети големи количини дrога, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„ОЈО за гонење организиран криминал и корупција остварувајќи меѓународна правна соработка во предистражна постапка со Јавното обвинителство за организиран криминал и МВР на Србија откри инсталација на најголема лабораторија за неовластено производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа. За координирање на паралелна прекугранична истрага и соработка е формиран заеднички истражен тим на органите од двете држави. Во текот на вчерашниот ден, на подрачјето на Тетово и Скопје јавното обвинителство во соработка со МВР спроведе акција при што е откриена цела инсталација за неовластено производство на синтетички дроги и се запленети големи количини синтетичка дрога, како и суровини за нејзино производство“, соопшти Обвинителството.
Од таму велат дека станува збор за меѓународна организирана криминална група, составена од српски и македонски државјани, која се занимава со неовластено производство, обработка, поседување, пренос, посредување во продажба или купување, како и на друг начин неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Како што соопшти Обвинителството, во исто време од страна на групата во Тетово била опремена илегална лабораторија за производство на синтетички дроги и прекурсори, со намера за натамошна продажба и организирање на испорака на истите во Република Македонија, Република Србија и во други земји.
Годинава ова е десетта организирана криминална група сузбиена од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.