Заев: Постои волја да избришеме долгови за струја од 110 милиони евра на 200.000 граѓани
Премиерот Зоран Заев на трибината „Силна економија – шанса за сите“ во Охрид соопшти дека, Владата има прогрес во преговорите со компаниите ЕВН и ЕЛЕМ за бришење на долгови за струја настанати до 2006 година, за 200.000 граѓани и семејства кои се заглавени во лавиринт со проблеми од извршители и блокирани сметки.
„Кога правно формално ќе го потпишеме договорот, јавно ќе соопштиме. Но, волјата од Владата за преземање на своите дејствија е нотирана, и од ЕЛЕМ како партнер во производството на струјата е потврдена, и волјата на ЕВН како приватна компанија исто така е потврдена. Намерата е да избришеме долг на граѓаните од 110 милиони евра. Тоа се огромни пари и ќе биде големо олеснување за граѓаните. Сите мерки коишто ги спроведуваме се во насока на било кој начин да вбризгаме пари кај граѓаните“, порача премиерот Заев.