Осум кандидати од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се тркаат на претседателските избори

Oд партијата ВМРО-ДПМНЕ очекуваат освен 8-те кандидатури во партиското седиште по пошта да пристигнат уште неколку апликации. 

Конечниот број и имињата ќе се знаат во вторник. Сите кои ги исполнуваат законските услови ќе имаат време и простор за презентација на програмата пред општинските комитети и членовите од 6 до 16 февруари. Во јавноста се познати имињата на тројца кандидати, Влатко Ѓорчев, професорката Гордана Силјановска и Филип Петровски. 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски не ги кажа имињата на кандидатите и најави дека ќе ги соопштат деновиве.

„Сите кандидатури дополнително ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидати за Претседател на Република Македонија, по која што проверка, најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за кандидат за Претседател на Републиката”, вели Мисајловски.

Тој ова го соопшти по завршувањето на партискиот рок за пријавување на кандидати.

Translate »