Договорот од Преспа сериозно ќе влијае врз реструктурирањето на грчката политичка сцена

Сѐ поцврста станува проценката дека развојот на настани во македонското прашање ќе има многу сериозно влијание врз преструктуирањето, реорганизацијата и реструктурирањето на грчката политичка сцена, оцени претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, на 5 февруари 2018 година, за време на обраќање во Атина на настан посветен на прашањето за името и дотогашниот тек на преговорите. Една година подоцна, изјавата на Вуцис може да се толкува како повеќе од видовита и точно предвидување.

Од моментот кога стана јасно дека Договорот од Преспа се префрла на грчки терен и партиите и пратениците треба да заземат став, почнаа и проблемите во пратеничките групи со заминувања, бришења и трансфери на пратеници.

Како всушност Договорот од Преспа влијаеше на политичката сцена во Грција и кои се промените кои настанаа во грчкиот Парламент?

На последните избори во Грција, во септември 2015, во Парламентот влегоа осум грчки партии. Сега, една пратеничка група веќе не постои (Река), за друга постои опасност од распаѓање (Независни Грци), а трета се наоѓа на границата на опстанок (Сојуз на централисти). Во СИРИЗА, Нова демократија, Комунистичката партија, Сојуз на централисти и Златна зора договорот меѓу Македонија и Грција не донесе промени, за разлика од Демократска алијанса, Независни Грци и Река, кои претрпеа, некои помала некои поголема штета, анализира дописничката на МИА од Атина.

Различните позиции околу прашањето за името е главната причина за распадот на централно- левичарската коалиција Движење на промена со кое ПАСОК, Демократска левица и Река, планираа заедно да учествуваат на избори. Меѓутоа патиштата им се разделија многу порано пред да се одржат избори. Причина- Демократската алијанса (ПАСОК и Демократска левица) се поставија против Договорот од Преспа, став со кој не се согласи лидерот на Демократска левица, по што беше избришан од коалицијата.

Најмногу турбуленции Договорот од Преспа предизвика во Независни Грци и Река

Иако движењето на новинарот Ставрос Теодоракис, уште откако почнаа и се интензивираа преговорите, зазеде став дека е потребно да се постигне решение, сепак, содржината на договорот од една страна и гласањето доверба за владата од друга страна, создадоа три различни струи во внатрешноста на пратеничката група што резултираше Теодоракис да остане со само двајца негови пратеници.

Спирос Данелис беше единствениот пратеник од Река што ја поддржа владата и гласаше за доверба, сметајќи дека тоа гласање беше директно поврзано со она што следеше за ратификација на Договорот во Преспа, по што беше исфрлен од пратеничката група.

Пратениците Јоргос Амирас и Григорис Псарианос си заминаа од Река, едниот гласаше против, другиот воздржано за ратификацијата. Со тоа, во Река останаа само лидерот на движењето, Ставрос Теодоракис и пратениците Спирос Ликудис и Јоргос Мавротас кои не ја поддржаа владата, но гласаа за Договорот од Преспа. Согласно Деловникот на Парламентот, за постоењето на пратеничка група потребни се минимум пет пратеници, па така Река се распадна како пратеничка група, а тројцата станаа независни пратеници.

Со опасност од распаѓање на пратеничката група се соочуваат и Независни Грци. Откако Јоргос Лазаридис и Димитрис Каменос уште во јуни минатата година си заминаа од партијата поради несогласувањата за Договорот од Преспа, сега и министрите во владата, Елена Кундура и Василис Кокалис, откако гласаа за ратификацијата, беа избркани од пратеничката група на Панос Каменос. Пратеничката група на Независни Грци има шест членови.

Пратеникот Танасис Папахристопулос, отворено и јавно го поддржа Договорот од Преспа уште пред ратификацијата и гласаше „за“ во парламентот, најавуваше дека по гласањето ќе си даде оставка и ќе го отстапи пратеничкото место, но како што вчера самиот рече, претседателот на Парламентот Никос Вуцис, го замолил тоа да го стори следната седмица по ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Папахристопулос, доколку навистина си поднесе оставка, пратеничкото место ќе му го отстапи на Тернес Куик, актуелниот заменик министер за надворешни работи на Грција, кој иако беше член на Независни Грци, во изминатиот период се дистанцираше од партијата на Каменос и ѝ изрази поддршка на владата. Со тоа, очекувањата се дека Куик ќе стане независен пратеник и ќе си замине од пратеничката група на Независни Грци, која ќе остане со само пет членови, нешто што може да создаде главоболки за Каменос.

Поранешниот коалициски партнер во грчката Влада, синоќа преку неговиот официјален Твитер профил коментираше дека тоа пратеничко место им припаѓа на Независни Грци и „ако навистина го отстапи Папахристопулос, треба да го стори сега, исто како и Куик, доколку одлучи да остане министер и да го отстапи името на Македонија“.

Независни Грци и да останат со пет пратеници исполнет е еден од условите на Деловникот на парламентот- пратеничката група да има најмалку пет пратеници, но не го исполнуваат вториот, сите пратеници да бидат од иста партија. Аристидис Фокас кој од неодамна е дел од пратеничката група на Независни Грци, за пратеник беше избран од партијата Сојуз на централисти.

Доколку се направи споредба со септември 2015 година, по тогашните избори, дел од партиите претрпеа промени и од други причини, но и поради Договорот од Преспа.

СИРИЗА и Комунистичката партија остануваат со ист број пратеници, 145, односно 15. Нова демократија во изминатите три и пол години го зголеми бројот од 75 на 78, Златна зора го намали од 18 на 16, Демократска алијанса (ПАСОК/ Демократска левица) од 17 сега има 19, пратеничката група на Река која во Парламентот влезе со 11 членови сега не постои, поранешниот коалициски партнер Независни Грци од 10 сега има шест пратеници, а Сојуз на централисти од девет остана со пет. Во грчкиот Парламент сега има и 16 независни пратеници.

Сценарија за промена на Деловникот на Парламентот

Сите овие промени во распоредот на силите вопарламентот отворија дискусија и сценарија во Грција за измени во Деловникот на законодавниот дом.

Претседателот на Парламентот, Никос Вуцис вчера испрати покана до членовите на комисијата за Деловникот на работата на парламентот за свикување на надлежната комисија за деловнички прашања за во понеделник напладне, а темата на состанокот е „Измени и дополнување на одредбите од Деловникот за работа на парламентот“.

На завчерашниот брифинг со новинарите, портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, одговарајќи на новинарски прашања за пратеничките групи рече дека тие како влада имаат намера да отворат дискусија за конкретната тема.

-Политичката позиција на владата е дека не е ниту морално, ниту политички коректно да се распаѓаат пратенички групи од партиите кои во процесот на изборите обезбедиле влез во Парламентот. Не говорам само за Независни Грци, говорам за Река, говорам за било коа друга партија што може да се соочи со опасноста да се распадне нејзината пратеничка група, објасни Ѕанакопулос и додаде дека станува збор за политичко и морално прашање за кое треба сериозно да се разговара „во рамките на политичкиот систем и во рамките на надградбата на самата демократија“.

За сценаријата за промена на Деловникот на парламентот за како што пишуваат дел од медиумите, да „се спаси пратеничката група на Независни Грци“, индиректно преку Твитер одговори Каменос.

„Независни Грци не сакаат услуга од никој, сакаме спроведување на парламентарниот легитимитет. Исто така, особено не прифаќам закани кон моето семејство. Земи ги и привилегиите, задржи ги и полицајците. Освен Рубикон, постојат и Грци, Алексис“, напиша Каменос на неговиот официјален Твитер профил, а вториот дел од твитот, во кој директно му се обраќа на грчкиот премиер, го напиша со големи букви и го поврза Ципрас со членовите на анархистичката група „Рубикон“.

Портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки реагираше со став дека Каменос го уценува Ципрас и го повика претседателот на грчкиот Парламент да не им подлегне на игрите.

-Веќе сите сфативме дека господинот Каменос го уценува господинот Ципрас и дека премиерот, од причини што само него му се познати, е подготвен да подлегне на неговите уцени, за неговиот партнер да не открие сѐ што знае за нивното заедничко владеење. Институциите, сепак, не се игра. Нова демократија го повикува господинот Вуцис да го зачува авторитетот на Парламентот и да не биде и тој дел од оваа декадентна размена, рече Спираки, пренесе МИА.

Лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, иако остана со само двајца негови колеги и без пратеничка група, преку Твитер рече дека „не може да постојат пратенички групи со двајца или тројца пратеници исто како што не може да се формира пратеничка група со позајмени пратеници“.

  МИА

Translate »