Груевски најави оставка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за ,,Курир,, најавува дека ќе поднесе оставка пред органите на партијата. Порачува дека еден ден СДСМ ќе се кае за ова што го прави, а народот според него ќе си ја врати државата.

Ви пренесуваме дел од одговорите во интервјуто:

,,Следни чекори одлучуваме заеднички во партијата. Имаме и секојдневни средби и на пратеничката група. Но јасно е дека станува збор за конструкција од највисок ранг. Влегувањето во парламентот и особено употребата на физичка сила беше грешка и јас бев прв политичар кој јавно, најпрвин преку социјалните мрежи повика на смирување а потоа и на прес конференција го осуди тоа. Од друга страна јасно е дека тоа беше реакција на акција, односно реакција на нелегалниот избор  на претседател на парламентот, се чини намерно темпирана во време кога пред парламентот се одвиваа едночасовните протести на граѓаните, кои се до тој момент цели 60 дена беа мирни и без најмал инцидент. Луѓето, кои беа испровоцирани и кои влегоа веројатно мислеа дека со тоа ќе помогнат на државата, а всушност водени од емоции наседнаа на нечија стапица. Тие влегоа од патриотски побуди,,објаснува Груевски и ги соопштува следните чекори:

,,Јас вечерта после првиот круг на изборите кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Потоа во телевизиско интервју појаснив дека секогаш во еден тим кој се натпреварува, било политички, спортски, бизнис или слично, најголемата одговорност по дефиниција ја носи првиот човек. Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка.

Партијата, согласно статутот ќе организира вонреден конгрес, на кој освен извештајот за анализата на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа го мислев и тогаш на 15ти октомври вечерта, но заради актуелноста на изборите го кажав со политички речник. Тоа го мислам и сега, и бидејќи двата круга на изборите поминаа, емоциите од кампањата стивнаа, и  можам да го кажам и најдиректно и понепосредно.

Овој чекор е дел од моите основни принципи и вредности.

Покрај ова се надевам дека тоа ќе помогне и во разрешувањето на целокупната полтичка атмосфера. вели Груевски во интервјуто за порталот ,,Курир,,

фото:Курир.мк

Translate »