Дијабетичарите му пишаа на Заев
Здружението на лица со дијабетес „Шечерче – Лолипоп“ од Велес со отворено писмо бара од премиерот Зоран Заев лично да се ангажира да се реши кризата со недостиг на инсулин, неопходен за дијабетичарите.
Во писмото тие потсетуваат дека ситуацијата е повеќе од сериозна бидејќи до денес речиси цел месец нема инсулин. „Речиси еден месец некои си поигруваат со судбините на над 50.000 инсулинзависни граѓани, од кои над 500 се деца. Време е Вие лично да се ангажирате и дејствувате. Пред сè, кон оние кои се законски обврзани и надлежни, а и кон оние кои земале обврска преку тенедери навремено и редовно да ја остваруваат уставната обврска, во име на Република Македонија, за достава и достапност на лекување со инсулин во регуларните инсулински аптеки во количини кои треба да ги иамаме“, се вели во писмото.
Тие потсетуваат дека не е првпат да побараат да се стави крај на инсулинската криза и бараат инсулин да стасува до секој што му е потребно. Исто така се бара да се донесе системско решение со кое нема да се овозможи следна криза, која се убедени дека е наметната, а којашто им ги одзема животите.