Интервју со Вујадин Станојковиќ-селектор на македонската фудбалска репрезентација до 19 години

Можеме рамноправно да се надигруваме со сите!

 

Како ретко кога досега, имаме две одлични младински фудбалски репрезентации, таа до 19 години, и до 21 година од која веќе и имаме стандардни А репрезентативци. На што се должи тоа?

Сето време и труд, и пред се фокус Фудбалската Федерација на Македонија на развој на младите категории дава резултат. Фудбалот е најпопуларен спорт кај младите. Имаме над 5000 дечиња во детската лига, одлични услови за работа, спортска опрема, тренери, инфрастуктура, одлични услови за работа како никогаш досега. Тоа децата го чувствуваат, и враќаат со тренинзи и работа. Ништо не се случува преку ноќ. ФФМ младите категории ги има ставено на врвот на пирамидата на важност, интензивно вложува во нивен развој иако тоа не е толку промовирано во јавноста. Но не треба да се задоволиме со постигнатото, туку треба и понатаму да се продолжи со напорна работа.

Колку е важно во ростерот на секоја репрезентација да имаме голема конкуренција?

Дефинитивно многу.  Фудбалот е тимска игра, каде секој играч е важен. Двајца, тројца играчи колку и да се талентирани и квалитетни, не се семоќни на теренот, потребно е да имам голем број на квалитетни играчи. Некогаш некој ќе е повреден, друг во лоша форма, и секогаш треба да постои алтернатива. А некогаш е потребна и среќа!

Какво е чувството кога ќе се победи една Белгија, Швајцарија и Лихтенштајн?

Дефинитивно прекрасно. Многу сум горд на оваа генерација, одлични момци. Одлична синергија, само така да продолжат.

Македонските репрезентација до 19 години ќе игра против Англија, Унгарија и Летонија во елитната група за пласман на ЕП 2019. Колку сте задоволни од групата?

-Задоволен сум од исходот на извлекувањето во Нион, мислам дека имаме голема шанса за нов, историски резултат. Групата  е силна, но можеме да се надигруваме со сите, впрочем, тоа го потврдивме со пласманот во Елитната фаза и трите победи против Белгија, Швајцарија и Лихтенштајн. Мислам дека и нашата публика ќе има можност да ужива во натпреварите, ќе играме на домашен терен, за тоа се изборивме и мораме да бидеме задоволни. Квалификациите во сите групи мора да завршат до 20 мај, а само најдобрите од сите седум групи ќе бидат дел од завршницата на Европското првенство кое ќе биде во Финска, од 16 до 29 јули.

Исланд на светско првенство! Како го коментирате ова?

Исланд и пркоси на светската фудбалска историја. Земја со дупло помалку жители од нас, ќе игра на едно светско првенство. А таму да речеме ќе ја нема една Холандија, Италија. Тоа е потврда дека веќе нема мали и големи. Дека сите имаа рамноправни шанси.

Последниве наши генерации дават оптимизам. Па ајде и Ние еднаш на светско. Младите го искусија европското.

Ги имаме фудбалските бисери Барди, Несторовски, Алиоски, Николов, Елмас, Велковски, Пандев уште е лидер и игра добар фудбал, се е можно!

Translate »